РФМ со чекор кон подобра едукација – промовира прирачник за ракометните правила

Ракометната федерација на Македонија, во пресрет на новата натпреварувачка сезона, изработи Прирачник за ракометните правила на македонски јазик.

Прирачникот е наменет за судиите и делегатите, но и за сите љубители на ракометот, согласно најновите промени на правилата од страна на ИХФ.

„Со цел унифицирана примена и подобро познавање на правилата на ракометната игра, примероци од прирачникот ќе им бидат доделени на судиите и делегатите во рамки на редовните тестирања пред почетокот на сезоната“, се вели во соопштението од ракометната куќа.

Ракометната федерација на Македонија со овој потег ги продолжува активностите насочени кон унапредување на стручноста, едукацијата и квалитетот на сите чинители во македонскиот ракомет.