ОХРИД 2026: Ќе има ли реприза од Струга? Вардар и Охрид во „еден на еден“ пресметки за финале!

Денеска се играат три натпревари од последното коло во групната фаза на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“.

Најинтересни ќе бидат двата меча од 18:45 и од 21:00 часот, кога македонските претставници Охрид и Вардар ќе имаат „еден на еден“ битки за место во финалето.

Пред Вардар стои словенечкиот Тримо Требње, а на македонскиот шампион и бод ќе му биде доволен за прво место во групата и пласман во финалето. „Црвено-црните“ имаат многу подобра гол-разлика од +18, додека словенечкиот состав има +6.

Ист е случајот и со Охрид. На „гладијаторите“, кои првпат во клупската историја ќе играат против хрватскиот великан Загреб, и бод ќе им биде доволен за финале. Охрид има гол-разлика +14, додека Загреб е на +13.

Избраниците на Борис Ројевиќ за првпат на турнирот ќе бидат со комплетниот ростер на дуел, додека кај Загреб ќе недостига само Ивано Павловиќ.

Претходно од 16:30 часот, програмата ќе ја отворат екипите на Нексе Нашице и Олимпијакос.

Ако македонските екипи обезбедат место во финалето, тогаш на турнирот „Крсте Андоновски“ ќе гледаме реприза од финалето на Струшкиот турнир, каде Охрид славеше против Вардар со 31-30.

Распоред на натпревари:

16:30 НЕКСЕ – ОЛИМПИЈАКОС
18:45 ВАРДАР – ТРИМО ТРЕБЊЕ
21:00 ОХРИД – ЗАГРЕБ