Екипата на Тримо Требње ја запиша првата победа на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, откако славеше против хрватскиот Нексе Нашице со 26-21.
Предводени од голманот Шаломон кој имаше одлична партија на голот, словенечките ракометари имаа и шест гола залиха, но како одминуваше времето, така Нексе фати приклучок.
На паузата тимот на Бранко Тамше водеше со 15-11, а со голот на Мославац, Нексе успеа да ја преполови негативата и намали на 17-14, но тогаш одново Шаломон стапи на сцена.
Со неговите одбрани во серија, но и со головите на Грмшек и Цирар, Тримо стигна до плус седум, 21-14 и практично го реши победникот кон средината на вториот дел.
Во последните десетина минути имаше уште еден црвен картон за Тримо Требње, за Грмшек, откако остана и без Свечко, поради трите исклучувања. Но тоа не беше проблем за словенечкиот состав, кој успеа до крај да ја задржи предноста и да слави.
Во оваа група се уште Вардар и Олимпијакос, па хрватскиот и словенечкиот тим ќе одиграат уште два меча против македонскиот првак Вардар и грчкиот шампион Олимпијакос.

























