Вардар и со комбиниран тим пресилен за Олимпијакос

Македонскиот шампион Вардар тргна победнички на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, откако славеше против Олимпијакос со 39-27. Победникот беше решен уште во првото полувреме, а вториот дел беше само формално одработување на задачата.

По 3-3 на стартот, Вардар постигна девет гола во серија за 12-3. Валах блескаше на голот, сите од „црвено-црниот“ тим лесно се снаоѓаа со одбраната на Олимпијакос и без поголеми проблеми реализираа.

Постот на грчкиот шампион траеше скоро петнаесетина минути пред да го постигнат четвртиот гол на мечот, а Вардар имаше највисоки плус 11, 20-9 во 26 минута. Згора на се, Олимпијакос остана без Папазоглу, кој доби црвен картон поради грубиот старт над Фадуил.

На паузата беше 22-11, во второто полувреме Иван Чупиќ, кој за овој меч не сметаше на Бомаштар, Лазаревски, Стојановски, Кеита, Тузолана, Митровиќ….им даде шанса на Поповски, Нечоски, Ѓорчески…а предноста на Вардар во ниту еден момент не беше загрозена.

На десетина минути до крајот на мечот, македонскиот првак отиде на плус 13, па Чупиќ можеше да сочува дел од играчите и за следните предизвици на овој турнир.

Најдобри стрелци со по седум погодоци беа Воркапиќ и Фадуил, а Фалах беше одличен на голот со 19 интервенции. Кај Олимпијакос се истакнаа Панајотис и Папавасилис со по шест гола.