ОХРИД 2026: Ројевиќ пред стартот на турнирот – најважно е здрави да го дочекаме првенството

Тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ, пред почетокот на петтото издание на меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“, зборуваше за амбициите на охриѓани, силната конкуренција, промените во составот и планот за настапите на турнирот.

Охрид минатата година го освои турнирот во Струга, а сега ќе се обиде да го одбрани трофејот пред домашната публика. Сепак, Ројевиќ потенцира дека резултатот нема да биде во преден план, туку главна цел ќе биде тимот да остане здрав и да добие вистинска подготовка пред стартот на сезоната.

„Ќе биде слично како во Струга. Ќе добијат голем број играчи минутажа. Прво и основно ми е да ја сочувам екипата, бидејќи имаме многу натпревари во подготвителниот период, сметајќи ја и Регионалната лига. Најважно е здрави да го дочекаме почетокот на првенството“, вели Ројевиќ.

Охрид на турнирот ќе има исклучително силна конкуренција, со Војводина, Египет, Вардар, Загреб и Нексе. Токму поради тоа, тренерот на охриѓани очекува квалитетни натпревари, но без дополнителен притисок врз своите ракометари.

„Секако дека сакаме да играме добро на турнирот, но не по секоја цена. Ja имаме Војводина, која е феноменална и напаѓачки многу добра екипа. Египет е уште една непознаница, Вардар има астрономски буџет и направи една од најдобрите екипи во последните години. Ќе биде убаво да се испробаме и против сериозна екипа од Лигата на шампионите, каква што е Загреб. Сигурно тие се фаворити, но ние играме во нашата сала.“

Ројевиќ најави дека ќе ротира во текот на турнирот и нема да дозволи ракометарите да бидат премногу оптоварени.

„Нема да играат сите на секој натпревар. Ќе менуваме и ќе ротираме, за никој да не одигра четири натпревари. Би сакал секој играч да одигра максимум три натпревари, со коригирана минутажа.“

Тренерот на Охрид упати и апел до навивачите да ја исполнат салата и да му дадат поддршка на новиот состав.

„Многу би сакал да нè поддржи публиката, особено во првите натпревари од Регионалната лига против Војводина и Загреб. Минатата година имавме една сјајна атмосфера и полна сала против Еурофарм Пелистер. Би сакал публиката повторно да ги поддржи момците по сè што направивме во изминатиот период и новиот тим да ја почувствува охридската публика.“

Конкуренцијата на турнирот оваа година е исклучително силна, а според буџетите, Ројевиќ меѓу фаворитите ги гледа Загреб, Нексе и Вардар.

„Ако гледаме според буџетите на екипите, тоа се Загреб, Нексе и Вардар. Но, буџетите не играат. Реално, Загреб е голем фаворит во натпреварот со Охрид. Искрено, јас во овој момент не знам каде сме ние. И по Струга не знаев каде сме. По некои натпревари и сè што може да се случи, за еден месец сликата може да биде сосема поинаква.“

Охрид во летниот преоден рок претрпе значителни промени во играчкиот кадар. Заминаа неколку важни ракометари, но пристигнаа и квалитетни засилувања.

„Голем удар за нас беше заминувањето на Реј, и тоа во најнезгодниот можен момент, нешто што никој не го очекуваше. Мислам дека оваа година имаме послаб тим дефанзивно, но посилен офанзивно во однос на минатата сезона.“

Ројевиќ потенцира дека сè уште е рано да се даде конечна оценка за новиот состав.

„Сега ќе видиме колку сме послаби во одбраната, а колку сме посилни во нападот. Од тоа ќе зависи дали сме на исто ниво, дали сме послаби или подобри од минатата сезона. Некако очекувам да имаме квалитет сличен на оној од минатата година.“

Тренерот на Охрид жали за заминувањето на неколку важни дефанзивци, но верува дека новите играчи ќе го надополнат нивното отсуство.

„Загубивме еден голман кој беше чудо – Пилиповиќ, а Славиќ покажува дека има што да покаже. Го загубивме Реј, сигурно еден од најдобрите дефанзивци во македонската лига, но и пошироко. Сепак, треба време за сè да се види.“

За крај, Ројевиќ се осврна и на густиот распоред во подготвителниот период, кој според него не е идеален за тимот.

„Оваа сезона работиме нешто што јас не го сакам. Играме голем број натпревари, а имаме помалку тренинзи. Искрено, тоа не ми се допаѓа. Повеќе сакам да одиграме помал број подготвителни натпревари и да имаме повеќе тренинзи. Но, така е направено оваа сезона и мора да се приспособиме.“

Охрид ќе има можност пред својата публика да покаже до каде е стигнат со подготовките, а турнирот „Крсте Андоновски“ ќе биде еден од последните сериозни тестови пред стартот на новата сезона.

РАСПОРЕД НА ОХРИД НА „КРСТЕ АНДОНОВСКИ“

Вторник, 18 август
18:45, Охрид – Египет У20

Среда, 19 август
18:45, Охрид – Војводина

Петок, 21 август
21:00, Охрид – Загреб

Сабота, 22 август
натпревар за пласман

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________