ОХРИД 2026: Вардар влегува во нова серија тешки тестови – Чупиќ бара форма за Лигата на шампионите

По финалето во Струга и победничкиот старт во Регионалната лига, Вардар влегува во уште една серија силни проверки. Иван Чупиќ сака во Охрид да ги тестира сите играчи, да види на кого може да смета од самиот почеток на сезоната и постепено да ја крене формата за тешките предизвици што следуваат во септември.

Вардар практично без пауза продолжува со натпреварите во подготвителниот период. По турнирот во Струга, „црвено-црните“ се преселија во Охрид, каде вчера го одиграа и првиот натпревар од новата Регионална лига, а од денеска ги очекува настапот на петтото, јубилејно издание на турнирот „Крсте Андоновски“.

Вардар во СРЦ „Билјанини Извори“ ја совлада Војводина со 36-30, а Чупиќ повторно ја распореди минутажата меѓу играчите што му беа на располагање. Деби во сениорскиот тим имаше и младиот Бобан Поповски, кој по репрезентативните обврски конечно му се приклучи на тимот.

Денеска следува нов предизвик. Вардар ќе го отвори целиот турнир против грчки Олимпијакос од 16,30 часот, а во групата Б се уште Нексе и Тримо Требње.

За Чупиќ овие натпревари не се само борба за резултат. Најважно е да добие одговори пред официјалниот почеток на сезоната.

„Јас како тренер на пријателските натпревари сакам да видам во каква состојба сме, на кои играчи можеме да сметаме од самиот почеток. Сакам да ги тестираме, да ги ставиме во тешки ситуации и да видиме како ќе реагираат. Септември е многу тежок пред нас и целиот фокус на тренинзите и натпреварите е насочен кон тоа“, вели Чупиќ.

Резултатот е важен, но формата за септември е поважна. Вардар во Струга стигна до финалето. Ги совлада Прилеп со 39-29 и Бутел Скопје со 36-24, а во мечот за трофејот загуби минимално од Охрид со 31-30. Само два дена подоцна следуваше победата против Војводина во Охрид.

Тоа е ритам што Чупиќ свесно го бара. Тренерот сака неговите ракометари уште сега да почувствуваат серија натпревари во краток период, бидејќи токму таков распоред ги очекува кога ќе почнат официјалните обврски.

„Како што беше во Струга, така ќе биде и во Охрид. Сакам сите да играат, сите да добијат шанса и пред сè да останеме здрави. Нормално, Вардар секогаш мора да оди на победа. Имаме и квалитет за тоа. Но јас како тренер морам да размислувам и за тешката сезона што нè очекува“, истакнува Чупиќ.

Во септември Вардар го очекуваат домашниот Супер Куп и почетокот на Лигата на шампионите. Првиот европски меч е на 10 септември на гости кај Мелсунген, а шест дена подоцна во Скопје доаѓа Нант.

Токму поради тоа Чупиќ сака силни ривали уште во август.

„Охрид е посилен турнир, но и Вардар е посилен“

Конкуренцијата на „Крсте Андоновски“ е далеку посилна од онаа со која Вардар се соочи во Струга. Осумте учесници носат различни ракометни школи, а во Охрид има и екипи кои сезонава ќе играат во најсилните европски натпреварувања.

„Турнирот е посилен, но и Вардар е посилен. Затоа и избравме да дојдеме во Охрид. Ни требаат големи и добри екипи за да видиме каде сме и на што треба да работиме“, вели Чупиќ.

Загреб, Вардар, Охрид, Нексе, Војводина, Олимпијакос, Тримо Требње и Египет У20 ќе се борат за трофејот во „Билјанини Извори“. Токму ваквото ниво на противници е тоа што Чупиќ го бара во овој период.

Вардар летово направи големи промени во составот и токму процесот на воигрување е една од главните задачи во подготовките. Чупиќ е свесен дека по само неколку недели работа не може сè да функционира совршено.

„Полека сите доаѓаат на своето. Младите се вклопуваат, новите играчи се вклопуваат. Нормално е по три недели да има грешки во тајмингот, во одбраната, во комуникацијата. Затоа служат подготовките, натпреварите и видео анализите – да го поправиме тоа што е можно побрзо“, потенцира тренерот на Вардар.

Младиот Бобан Поповски веќе му се приклучи на тимот и денеска дебитираше против Војводина, а Чупиќ ќе ја следи состојбата на сите играчи од ден на ден. Целта е што поголем број ракометари да добијат минутажа во Охрид.

Загреб и Охрид меѓу најсериозните, но не смее да се заборави Нексе. На прашањето за најсилните екипи на турнирот, Чупиќ го издвои Загреб, но и домаќинот Охрид.

„Загреб сигурно, Охрид како домаќин… Загреб е можеби и најтрофејниот клуб на турнирот. Вардар и Загреб играат во Лигата на шампионите и само тоа му дава дополнителна сериозност на турнирот. Но не смее да се заборави ниту Нексе, кој е сериозна екипа, а тука е и силниот Охрид“, вели Чупиќ.

Вардар нема да може да игра против Загреб или Охрид во групата, бидејќи тие се во групата А. Евентуална пресметка е можна во последниот ден, во зависност од пласманот.

Вардар во подготовките веќе има четири натпревари.
Струга 2026:
Вардар – Прилеп 39-29
Бутел Скопје – Вардар 24-36
Охрид – Вардар 31-30
Регионална лига:
Вардар – Војводина 36-30

РАСПОРЕД НА РК ВАРДАР НА „КРСТЕ АНДОНОВСКИ“
Вторник, 18 август

16,30 – Вардар – Олимпијакос

Четврток, 20 август
21,00 – Вардар – Нексе

Петок, 21 август
18,45 – Вардар – Тримо Требње

Сабота, 22 август – натпревари за пласман
10,30 – Натпревар за 7. место
12,30 – Натпревар за 5. место
17,45 – Натпревар за 3. место
20,00 – Финале

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________