Регионалната лига уште пред вистински да започне отвори различни гледишта кај македонските клубови. Борис Ројевиќ смета дека на Македонија не ѝ е потребно дополнително натпреварување, додека Иван Чупиќ вели дека за РК Вардар постои јасна логика да биде дел од него.
Новата Регионална лига беше една од темите и на прес-конференцијата пред стартот на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид, а тренерите на Охрид и на Вардар, Борис Ројевиќ и Иван Чупиќ, понудија две различни гледишта.
Ројевиќ е многу поблиску до ставот дека македонските клубови немаат вистинска потреба од дополнително регионално натпреварување, особено оние кои паралелно имаат и европски обврски.
„Ќе бидам искрен и ќе зборувам во свое име, а не во името на клубот. За мене Македонија има најквалитетно првенство во овој регион. Сигурно сме меѓу пет-шест добри лиги во Европа и искрено не ја гледам причината за играње Регионална лига“, вели Ројевиќ.
Тренерот на Охрид проблемот пред сè го гледа во бројот на натпревари што ги очекуваат екипите. Охрид има домашно првенство, Куп и европски настап, а со вметнување на дополнителни мечеви во Регионалната лига се намалува времето што тренерите го имаат за работа со екипата.
„Ако некој игра Лига на шампиони или европско натпреварување, македонска лига и плус Регионална лига, според мене тоа е премногу натпревари за играчите. Мислам дека на Македонија тоа не ѝ е потребно“, вели Ројевиќ.
Тој потенцира дека ова е негов личен став, а не официјален став на клубот.
„Јас сум во служба на клубот и ќе го работам тоа што клубот ќе го одлучи. Но моето лично мислење е дека на македонските клубови не им е потребна Регионална лига. На српските клубови, на пример, им е потребна бидејќи имаат послабо домашно првенство од нашето.“
За Ројевиќ уште поголем проблем е начинот на кој дополнителните натпревари влијаат врз тренажниот процес. Во период кога тимот треба да се подготвува за новата сезона, Охрид ќе има серија натпревари, а многу помалку простор за тренинг.
„Јас лично не сум задоволен затоа што се губи голем број тренинзи. Во подготвителниот период сакам помалку натпревари и повеќе тренинзи. Така ја подготвувам екипата.“
Тој даде и конкретен пример.
„Сакав денес да имаме тренинг, а сега следниот вистински тренинг ќе ни биде за осум-девет дена. Што можам како тренер да подготвам? Што можам да исправам ако само играме натпревари? Практично работам преку анализа и се обидувам на тој начин да ги поправам работите.“
После овој турнир, охриѓани ги очекува врзано гостување во Црна Гора и во Србија како дел од Регионалната лига, на 26 и 28 август, а потоа треба да настапат и на македонскиот Супер Куп на 2 септември.

Сепак, Ројевиќ е јасен дека Охрид ќе пристапи максимално сериозно кон секој натпревар што ќе го игра.
„Мене искрено тоа не ми се допаѓа, но ќе дадеме сè од себе на секој натпревар во кој ќе настапуваме.“
Од другата страна е Иван Чупиќ. Тренерот на Вардар не вели дека дополнителните натпревари нема да бидат оптоварување, но во случајот на неговиот клуб гледа повеќе позитивни страни.
Една од главните причини е бројот на странски ракометари во составот и ограничувањето за нивно користење во македонското првенство.
„Јас сум претставник на Вардар. Клубот одлучи дека треба да играме Регионална лига и дека тоа е добро за клубот. Ние, можеби за разлика од Охрид, или Пелистер, имаме повеќе странци и поголем квалитет меѓу странските играчи“, вели Чупиќ.
Токму затоа Регионалната лига за Вардар може да биде можност за повеќе квалитетни натпревари со комплетниот ростер.
„Во македонската лига имаме ограничување за бројот на странци. Во Регионалната лига нема да го имаме тој проблем и ќе можеме преку квалитетни натпревари да ја креваме формата за Лигата на шампионите или за другите европски натпреварувања.“
Според Чупиќ, токму тука е логиката поради која Вардар ја прифатил идејата.
„Клубот мисли дека тоа е вистинскиот правец за нас. Јас како тренер можам да кажам дека гледам логика во тоа.“
Чупиќ, сепак, не го игнорира проблемот на кој укажува Ројевиќ.

И самиот очекува периоди во кои натпреварите ќе се натрупаат, а искуството од СЕХА лигата му кажува дека тоа може да биде многу напорно за играчите.
„Сигурно во некој момент распоредот ќе се згусне и ќе биде тешко. Играв СЕХА лига и како играч и знам колку тоа понекогаш беше тешко.“
Но, тој се потсетува и на позитивните ефекти што регионалното натпреварување во минатото ги имаше за клубовите од регионот.
„Мислам дека Вардар, Загреб и Мешков Брест во тоа време добија многу добри работи преку СЕХА лигата. Затоа мислам дека, колку и да биде тешко, сите заедно можеме да напредуваме и преку оваа Регионална лига“, вели Чупиќ.
Одговорот кој пристап ќе се покаже подобар ќе го даде сезоната што следува.
Денеска Вардар од 16,30 часот го отвара турнирот во Охрид, со меч со Олимпијакос, додека Охрид од 18,45 ч. се среќава со репрезентацијата на Египет до 20 години.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























