Вардар и Охрид играа во финалето на турнирот во Струга, можеби ќе се сретнат и во Охрид во натпревар за пласман или во битка за трофеј, а потоа ги чека и првиот официјален меч во Супер Купот на 2 септември.
Двајцата тренери, Борис Ројевиќ од Охрид и Иван Чупиќ од Вардар, покрај тоа што ги споделија очекувањата од настапот на турнирот „Крсте Андоновски“, говореа и за соочувањето во Супер Купот, но и тоа дека нема да се кријат адути.
„Супер Купот е еден натпревар, а потоа пред нас е цела година. Сигурно и ние и тие ќе работиме и ќе тренираме. Јас можам да зборувам во име на Охрид – ние го подготвуваме тоа што ни е потребно за целата сезона и воопшто не криеме никакви карти. И минатата година не криевме ништо. Ги знаевте натпреварите што ги игравме, и ние и тие. Македонската лига беше многу интересна минатата сезона и мислам дека така ќе биде и оваа. Што се однесува до тактиката, во овој процес за мене е сосема небитно дали нешто ќе криеме или не“, изјави Ројевиќ.
Охрид славеше во првото соочување во Струга со 31-30 во интересен и драматичен натпревар, неизвеен до самиот крај.
„За мене како тренер многу поважно е од сите играчи да добијам фидбек дека можат да се носат со тежината и со притисокот што го носи дресот на Вардар. Во Вардар секогаш мора да одиш на победа. Дали играш турнир, пријателски натпревар или финале во Лигата на шампионите – секогаш постои тој момент на притисок и токму тоа го барам. Затоа сум многу среќен што во предсезоната имаме можност да играме добри и квалитетни натпревари против силни европски екипи“, изјави Чупиќ.
Двобојот од Супер Купот е закажан за 2 септември.

























