ОХРИД 2026: Олимпијакос доаѓа комплетен – Треба да изградиме тимски дух

Грчкиот великан Олимпијакос ќе биде дел од петтото издание на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид. Во клубот не го кријат значењето на силните проверки пред новата сезона, а пораката е јасна - најважно е тимот што побрзо да се воигра и да стане вистинска целина.

Олимпијакос ќе биде еден од учесниците на годинешното издание на „Крсте Андоновски“, турнир што од 18 до 22 август ќе се игра во СРЦ „Билјанини Извори“. Грчкиот претставник доаѓа во Охрид како еден од најреномираните клубови во конкуренцијата, а во групната фаза го очекуваат дуели со Вардар, Нексе и Тримо Требње.

„Нашите очекувања се да успееме да изградиме тимски дух, да станеме тим и секако добро да се подготвиме низ турнирот“, е пораката од стручниот штаб на Олимпијакос.

За тим како Олимпијакос, кој секоја сезона има високи цели, ваквите летни турнири честопати знаат да бидат клучни за тоа како ќе изгледа екипата на стартот од сезоната.

Во Охрид доаѓаат со полн состав

Една од добрите вести за грчкиот тим е тоа што во Охрид треба да допатува комплетен.

„Веруваме дека на турнирот ќе настапиме во полн состав“, велат од грчкиот првак.

Тоа ќе му овозможи на Олимпијакос уште на самиот старт на подготвителниот период да ја провери главната ротација во силни натпревари против сериозни ривали.

Во групата Б конкуренцијата е силна. Вардар, Нексе и Тримо Требње се екипи со европско искуство, па грчкиот претставник ќе има вистински тестови уште од првиот ден.

„Немаме многу информации за самиот турнир, но квалитетот на екипите што учествуваат е навистина важен, а и самиот факт што се игра во убав град како Охрид му дава дополнителна тежина“, велат од Олимпијакос.

Само две-три недели тренинг, а веќе следуваат сериозни тестови

Во Олимпијакос се свесни дека натпреварите во Охрид доаѓаат рано во подготвителниот циклус.

„Сите противници се многу добри, а мора да се соочиме и со фактот дека зад нас имаме само две до три недели тренинг“, е пораката од грчкиот клуб.

Токму затоа дуелите со Вардар, Тримо и Нексе ќе имаат двојно значење. Од една страна ќе покажат каде е моменталната форма на тимот, а од друга ќе помогнат побрзо да се наместат и нападот и одбраната пред официјалните натпревари.

Амбициите се познати – силен тим и борба за сите трофеи

Олимпијакос секогаш влегува во сезоната со високи амбиции, а така е и сега.

„Целта е да создадеме добар, конкурентен и цврст тим и да ги напаѓаме сите трофеи, особено во Грција“, порачуваат од клубот.

Тоа и не е изненадување. Олимпијакос во новата сезона влегува како грчки шампион, во 2025/26 ги освои првенството, Купот и Супер Купот на Грција, а минатата европска сезона стигна до четвртфиналето на ЕХФ Европскиот куп, каде беше елиминиран токму од Охрид.

Олимпијакос – состав:

16. Теодорос Каламатас – голман
88. Карим Хендави – голман
4. Лучијано Уго Скарамели – десно крило
8. Јоргос Папавасилис – лево крило
9. Иван Вида – десно крило
7. Димитрис Панајоту – среден бек
11. Танасис Папазоглу – десен бек
14. Томас Валентин Кањете – лев бек
17. Петрос Кандилас – среден бек
29. Матија Николиќ – лев бек
32. Николаос Пасијас – лев бек
47. Анте Кудуз – лев бек
77. Давид Шмит – десен бек
20. Самуел Проктор – пивот
21. Мохамед Тарек Абусалем – пивот
55. Елефтериос Пагиатис – пивот

Стручен штаб

Рикардо Трилини – тренер
Винченцо Лаера – помошник тренер
Дионисиос Тирогалас – физиотерапевт
Костас Карабурниотис – тим менаџер
Христос Пулиопулос – член на стручен штаб
Костас Цилимпарис – технички директор
Григорис Саникис – спортски директор

Распоред на Олимпијакос на „Крсте Андоновски“

Вторник, 18 август
16,30 – РК Вардар – Олимпијакос
Четврток, 20 август
18,45 – Олимпијакос – Тримо Требње
Петок, 21 август
16,30 – Нексе – Олимпијакос
Сабота, 22 август
натпревар за пласман