Војводина во Охрид доаѓа со значително подмладен состав и четири нови ракометари. Тренерот Милутин Лучиќ не го става резултатот во прв план - главната задача ќе биде воигрувањето, а меѓу фаворитите за трофејот ги издвојува Вардар и Загреб.
Српската Војводина ќе биде едно од осумте имиња на петтото, јубилејно издание на меѓународниот турнир „Крсте Андоновски“, кој од 18 до 22 август ќе се игра во СРЦ „Билјанини Извори“.
Тимот од Нови Сад во Охрид пристигнува со млад состав, со четири нови ракометари и со Милутин Лучиќ како тренер. Во групата А го очекуваат дуели со Загреб, домаќинот Охрид и младинската репрезентација на Египет.
За Лучиќ нема дилема што е најважно во овој период од подготовките.
„Воигрување на тимот“, кратко и јасно ја поставува главната цел тренерот на Војводина пред настапот во Охрид.
И тоа не е случајно. Погледот на ростерот покажува дека Војводина има голем број млади ракометари, меѓу нив и играчи родени во 2007 и 2009 година. За клубот кој во новата сезона сака повторно да биде во врвот на српскиот ракомет, силните проверки во Охрид ќе бидат важен дел од создавањето на новиот тим.
„Турнирот секоја година е сè поквалитетен“
Војводина ја очекува сериозна конкуренција уште од првиот ден. Прв ривал ќе биде Загреб, потоа следува дуелот со Охрид, а групната фаза ќе заврши против Египет У20. Лучиќ нема потреба од многу зборови за да го опише квалитетот на противниците.
„Врвни екипи“, е неговиот коментар за конкуренцијата во групата.
Тренерот на Војводина позитивно зборува и за самиот турнир.
„Секоја година турнирот е сè поквалитетен“, вели Лучиќ.
Годинашниот состав на учесници му оди во прилог на таквото размислување. Покрај Војводина, Загреб, Охрид и Египет У20 во групата А, во другата група се Вардар, Нексе, Олимпијакос и Тримо Требње.
Без Данило Радовиќ во Охрид
Војводина нема да биде со најсилен ростер на турнирот – ќе недостига Данило Радовиќ поради повреда.
Радовиќ е едно од четирите нови имиња во екипата за оваа сезона. Покрај него, во Војводина пристигнаа Ник Ќировиќ, Лука Паниќ и египетскиот лев бек Карим Хамди.
Од клубот заминаа Милјан Пушица, Милјан Вуковљак, Вјачеслав Салдаценка, Бојан Раѓеновиќ, Милан Јовановиќ и Југа Еномото.
Тоа значи дека турнирот во Охрид за Лучиќ ќе биде и можност да им даде поголема улога на младите ракометари кои се дел од актуелниот ростер.
Вардар и Загреб се фаворити
Кога требаше да ги посочи екипите на кои им дава најголеми шанси за трофејот, Лучиќ издвои две имиња.
„Вардар и Загреб“, одговори тренерот на Војводина.
Со Загреб неговиот тим ќе се соочи веднаш на отворањето, во вторник од 21,00 часот.
Следниот ден Војводина ќе игра со домаќинот Охрид, а на 20 август противник ќе биде Египет У20. Пласманот во групата ќе одреди за кое место ќе игра српскиот претставник во сабота.
Трофеен клуб со европски пехар
Војводина во Охрид доаѓа како клуб со голема традиција и богата колекција трофеи. Војводина има еден освоен ЕХФ Куп, 12 титули државен првак, осум трофеи во Купот на Србија, осум во Супер купот на Србија и осум трофеи во Сесрпскиот куп.
И покрај големите промени и подмладениот тим, амбициите не се мали.
„Целта е да бидеме во врвот на српскиот ракомет и да стигнеме што е можно подалеку во ЕХФ Купот“, порачува Лучиќ.
Сега доаѓаат далеку посериозни проверки. Загреб, Охрид и Египет У20 во три последователни дена треба да му дадат на Лучиќ многу појасна слика за тоа до каде е новата Војводина пред стартот на официјалната сезона.
ВОЈВОДИНА – СОСТАВ
Голмани:
16. Коста Диздар
22. Лука Арсениќ
12. Душан Зекиќ
Леви крила:
27. Марко Срдановиќ
24. Андрија Раковиќ
Десни крила:
41. Лука Лазиќ
7. Фран Милета
Леви бекови:
23. Војин Чабрило
17. Ѓорѓе Драшко
77. Јован Тривковиќ
10. Карим Хамди
Десни бекови:
6. Милан Милиќ
4. Алекса Раденковиќ
5. Огњен Босниќ
Средни бекови:
21. Данило Радовиќ
13. Ник Чировиќ
Пикери:
2. Младенко Драшко
35. Бранко Предовиќ
19. Лука Паниќ
25. Никола Бибиќ
СТРУЧЕН ШТАБ
Драган Момиќ – спортски директор
Милутин Лучиќ – тренер
Драган Кукиќ – помошник тренер
Милан Мирковиќ – помошник тренер
Дејан Аничиќ – тренер на голмани
Марко Рајаковиќ – кондициски тренер
Александар Ивановиќ – физиотерапевт
Зоран Брајиќ – физиотерапевт
ДОЈДОА
Данило Радовиќ
Ник Ќировиќ
Лука Паниќ
Карим Хамди
ЗАМИНАА
Милјан Пушица
Милјан Вуковљак
Вјачеслав Салдаценка
Бојан Раѓеновиќ
Милан Јовановиќ
Југа Еномото
РАСПОРЕД НА ВОЈВОДИНА НА „КРСТЕ АНДОНОВСКИ“
Вторник, 18 август
21,00 – Војводина – Загреб
Среда, 19 август
18,45 – Охрид – Војводина
Четврток, 20 август
16,30 – Војводина -Египет У20
Сабота, 22 август
натпревар за пласман
























