ОХРИД 2026: Познат распоредот – Вардар отвора со Олимпијакос, Охрид со Египет

Познат е комплетниот распоред за петтото, јубилејно издание на меѓународниот турнир „Крсте Андоновски“. Од 18 до 22 август во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе играат осум екипи, а финалето е закажано за сабота од 20,00 часот.

По ракометните возбудувања во Струга, вниманието ќе се пресели во Охрид. Од 18 до 22 август во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе се одржи петтото, јубилејно издание на меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“, на кој ќе настапат осум екипи.

Македонија ќе ја претставуваат домаќинот Охрид и Вардар, а покрај нив ќе играат Загреб од Хрватска, Војводина од Србија, Нексе од Хрватска, Тримо Требње од Словенија, Олимпијакос од Грција и младинската репрезентација на Египет до 20 години.

Екипите се поделени во две групи. Во групата А ќе играат Охрид, Загреб, Египет У20 и Војводина, додека во групата Б се Вардар, Нексе, Олимпијакос и Тримо Требње.

Турнирот ќе почне во вторник, на 18 август, со дуелот меѓу Вардар и Олимпијакос од 16,30 часот. Потоа домаќинот Охрид ќе се сретне со Египет У20, додека првиот ден ќе биде затворен со дуелот Војводина – Загреб.

За Вардар ќе следуваат уште две силни проверки во групната фаза. На 20 август „црвено-црните“ ќе играат против Нексе, а еден ден подоцна против Тримо Требње.

Охрид, пак, по стартниот дуел со Египет У20, ќе игра против Војводина, а групната фаза ќе ја заврши со атрактивна пресметка против Загреб.

Домаќинот има и што да брани. На минатогодишното, четврто издание на турнирот, Охрид првпат го освои трофејот пред својата публика, откако во финалето го совлада Еурофарм Пелистер со 31-26.

Во четирите дена од групната фаза ќе се играат по три натпревари дневно, а сабота, 22 август, е резервирана за мечевите за конечен пласман. Финалето е закажано за 20,00 часот.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ

Вторник, 18 август
16,30 – Вардар – Олимпијакос
18,45 – Охрид – Египет У20
21,00 – Војводина – Загреб

Среда, 19 август
16,30 – Загреб – Египет У20
18,45 – Охрид – Војводина
21,00 – Нексе – Тримо Требње

Четврток, 20 август
16,30 – Војводина – Египет У20
18,45 – Олимпијакос – Тримо Требње
21,00 – Вардар – Нексе

Петок, 21 август
16,30 – Нексе – Олимпијакос
18,45 – Вардар – Тримо Требње
21,00 – Охрид – Загреб

Сабота, 22 август
10,30 – Натпревар за 7. место
12,30 – Натпревар за 5. место
17,45 – Натпревар за 3. место
20,00 – Финале