Капитенот што ја врати титулата во Битола има нов клуб

Црногорецот Мирко Радовиќ од ова лето ќе има нов предизвик во кариерата. Тој по три сезони во екипата на Ловќен се пресели во амбициозниот состав на Будуќност од главниот град.

Искусното десно крило и екс црногорски репрезентативец го напушти Ловќен по три сезони во својот втор мандат во клубот. Радовиќ во Цетиње се врати во 2023 година, веднаш по одличната сезона во Македонија, кога како капитен на Еурофарм Пелистер ја крена шампионската титула во Битола.

Токму македонскиот период е еден од најважните делови од неговата кариера. Радовиќ беше дел од Еурофарм Пелистер од 2019 до 2023 година, а во Битола остави силен печат како борбен играч, лидер и капитен. Во сезоната 2022/23 беше дел од тимот што ја прекина долгата суша и му ја донесе на Пелистер шампионската титула по 18 години чекање.

Во кариерата, Радовиќ покрај Ловќен и Еурофарм Пелистер, настапуваше и за Будуќност Подгорица каде што ќе игра одново сега, потоа француски Валанс и унгарски Цегледи.