Хрватскиот шампион Подравка со победа ја започна новата сезона 2026/27 и првото издание на новоформираната Регионална лига. Во драматичен натпревар во Љубљана, хрватските ракометарки славеа над Крим со 31:30, иако на полувремето имаа негатива од два гола (16:14).
Подравка одлично го отвори натпреварот и со серија од 4:0 уште во 5 минута стигна до убедлива предност. Крим полека се врати во игра, а по израмнувањето во 23. минута, словенечкиот тим го презеде водството и на одмор замина со 16:14.
Хрватскиот тим предводен од екс македонскиот селектор Ивица Обрван, одлично реагираше во второто полувреме. Со подобра игра во одбраната и поефикасен напад, Подравка направи пресврт и во 35. минута поведе со 20:17. Гостинките ја контролираа играта и во 49. минута имаа предност од четири гола (26:22).
Сепак, Крим не се предаде и следуваше драматична завршница. Во последните 30 секунди беа постигнати дури три гола. Домаќинките со два последователни погодоци израмнија на 30:30, но Подравка остана смирена во последниот напад.
Одговорноста ја презеде Аисату Кујате, која го постигна победничкиот гол и донесе голема радост за хрватскиот тим – 31:30.
Најефикасна кај Подравка беше Клара Биртиќ со пет гола, додека Матеа Шошо и Тина Баришиќ постигнаа по четири. Во составот на Крим се истакнаа Јохансен и Абина со по пет реализации.
Со оваа победа, Подравка ги освои првите бодови во новата Регионална лига, а Крим по два меча со хрватските тимови има само еден бод.


























