Во новата сезона од прволигашката конкуренција кај дамите ќе има два нови клуба – Гевгелија Југ и Струга.
Двете екипи минатата сезона имаа пријавено екипи во младинските категории – Гевгелија (младинки, 4 место) и Струга (пионерки, 3 место), а сега ќе се пробаат и во сениорска конкуренција.
Гевгелија Југ е наследник на ЖРК Гевгелија, која имаше свои подеми и падови на домашна сцена во минатото, а претседател на клубот е поранешната репрезентативка на Македонија, Елма Пршеш Попова, која беше дел од поголемите успеси на „црвено-жолтите“ (СП 1997 и ЕП 1998).
Струга под водство на Владимир Паноски, некогашен селектор на кадетската женска репрезентација на Македонија, а во чиј стручен штаб се Теодора Гулицоска и Маја Попоска, е клуб формиран во 2024.
Ова е втор женски клуб во градот покрај езерото, па ќе имаме градски двобој со Стружана во претстојната сезона. Покрај Струга, Стружанка и Гевгелија Југ, дел од Првата лига ќе бидат Овче Поле СУ, Деспина, Шампион, Јехона и штипски Астибо.

























