Некогаш најомразениот тим во Македонија од ерата на Кометал Ѓорче Петров, австрискиот Хипо, емотивно се збогуваше со долгогодишниот стратег Ференц Ковач, кој освои бројни трофеи и остави неизбришлива трага во историјата на клубот.
Во емотивна порака објавена од еден од најтрофејните австриски и европски женски клубови, му се заблагодарија на стратегот за долгогодишната работа, истакнувајќи дека токму под негово водство тимот испишал едни од најуспешните страници во својата историја.
„Во текот на многу години ја обликуваше нашата екипа и нè водеше до безброј успеси. Освоивме многу титули со твој потпис, а твоето име засекогаш ќе остане важен дел од историјата на Хипо“, порачаа од клубот.
Од Хипо потенцираа дека Ковач не бил само успешен тренер, туку и ментор и пример за генерации ракометарки, кои под негово водство израснале и како спортистки и како личности.
Тој дојде во Хипо во 1999 година, најпрво како тренер во младинските категории, потоа и во вториот тим, па во стручниот штаб на првата екипа како асистент, а како прв стратег од 2014 година па до крајот на сезоната што заврши неодамна.
Посебно симболично, неговото заминување доаѓа по освојувањето на тројната круна, што во клубот го оценија како совршен крај на една исклучително успешна тренерска ера.
Со разделбата со Ковач, Хипо затвора едно од најзначајните поглавја во својата понова историја, оставајќи зад себе наследство исполнето со трофеи, успеси и генерации создадени под водство на искусниот стратег.
Наследник на клупата на Хипо на Ковач, ќе биде Ала Матушкович, која исто така одамна е во клубот, прво како играч во ерата на Кометал Ѓорче Петров, а потоа и како тренер.
Хипо и Кометал Ѓорче Петров играа во финалето на Лигата на шампионите во 2000 година, а австрискиот состав беше подобар во финалниот двомеч. Спонзорот на клубот и некогашен предводник Гунар Прокоп, познат по неговите провокации, беше заслужен за австрискиот тим да стане најомразен кај македонската публика, откако по инцидентот на финалето во „Кале“, нашиот ракомет беше суспендиран од Европа и клупски и репрезентативно една година.
Австрискиот состав досега освои 48 титули во домашното првенство, од кои 42 беа во низа до 2018 година, а само 2019 славеше Ацгерсдорф, пред одново да почне доминацијата на Хипо.

























