Каков летен шопинг направија ривалите на Еурофарм Пелистер во ЛЕ?

Тимот на Еурофарм Пелистер ќе биде единствен македонски претставник во групната фаза на Лигата на Европа, а ќе игра против германскиот Гумерсбах, шпанската Ла Риоха и полскиот Вибжеже Гдањск.

Прво и второпласираните екипи од групите ќе продолжат во елиминациите, а битолчани ќе имаат шанси да се борат за место меѓу 16 екипи, на кои ќе им се приклучат уште 12 екипи од Лигата на шампионите.

Пелистерци ќе имаат променет ростер, иако основата на тимот – Кузмановски, Митревски, Пешевски…ќе биде и натаму дел од клубот што во следните две сезони на кормилото ќе го има легендарниот Лино Червар.

Од ривалите на Еурофарм Пелистер, најмалку менуваше Вибжеже Гдањск. Во овој клуб дојде екс пикерот на Вардар, Патрик Валчак, по две сезони во Загреб, а Гдањск се засили и со млад Исланѓанец на пивот, како и одличниот чешки лев бек Морковски. Гдањск го задржа Томаш Гебала до 2029 година, а од клубот замина пивотот Домагала и левиот бек Папина.

Шпанскиот тим Ла Риоха остана без најдобрите стрелци – десниот бек Заја, Хрват кој замина во Шамбери, средниот бек Кадарсо, дете на Ла Риоха кој се пресели во Сиудад Реал, како и унгарскиот репрезентативец Пергел кој потпиша за Динамо Букурешт.

Ла Риоха се засили со бековите Оливеира, Јевтиќ, десното крило Дантино, како и аргентинскиот репрезентативец Јунг. Тимот од Логроњо е вицепрвак на Шпанија, а ќе биде прв гостин во Битола во новата сезона на 29/30 септември.

Бундеслигашот Гумерсбах пазареше одлично. Екс вардарецот Алекс Душебаев дојде во клубот, потоа голманот Игнасио Биоска од Нант, како и големиот шведски талент кој веќе дебитираше за сениорите, Никола Рогановиќ.

Од друга страна Гумерсбах остана без легендарниот Кентан Мае, кој и онака не беше во преден план, но и германскиот репрезентативец Костер кој замина во Кил. Тука се Вујовиќ и Кодрин на лево крило, Хоржен, Земан и Видарсон на пивотменската позиција, меѓу бековите се Смитс, Шлуроф, Халбак, дефанзивецот Киеслер…па Гумерсбах ќе биде фаворит за првото место во групата.

Битолчани ќе стартуваа дома со Ла Риоха на 29/30 септември, а на 13 октомври ќе гостуваат во Гдањск кај Вибжеже.

ЛОГРОЊО ЛА РИОХА

дојдоа:
Томоки Ишида (Тојота Мотор)
Самуел Саиз (Адемар Леон)
Густаво Оливиера (Ваљадолид)
Лука Јевтиќ (Металопластика)
Николо Дантино (Кангас)
Мартин Јунг (Иври)

заминаа:
Јосип Заја (Шамбери)
Андреј Пергел (Динамо Букурешт)
Немања Пештиќ (Кангас)
Давид Кадарсо (Сиудад Реал)

ВИБЖЕЖЕ ГДАЊСК

дојдоа:
Торвалдур Торвалдсон (Валур)
Патрик Валчак (Загреб)
Лукаш Морковски (Робе Жубри)

заминаа:
Мачеј Папина (Крефелд)
Дамијан Домагала (Татран Прешов)

ГУМЕРСБАХ

дојдоа:
Алекс Душебев (Келце)
Гардар Синдрасон (Хафнарфјордур)
Игнасио Биоска (Нант)
Никола Рогановиќ (Малме)

заминаа:
Кентан Мае (Рајн Некар Левен)
Жоао Гомеш (Порто)
Доминик Кузмановиќ (Магдебург)
Јулијан Костер (Кил)