Познати се четирите селекции кои ќе се борат за медалите на Европското првенство за младинци, кое се одржува во Романија. Во полуфиналето се пласираа Данска, Шведска, Словенија и Унгарија, а двата меча ќе се одиграат утре.
Првото полуфинале ќе донесе големо скандинавско дерби меѓу Шведска и Данска, додека во вториот дуел силите ќе ги одмерат соседите Словенија и Унгарија.
Шведска продолжува со импресивните настапи и останува единствената непоразена репрезентација на турнирот. Во четвртфиналето скандинавците ја декласираа Франција со 39-28, предводени од фантастичниот голман Виго Хокансон, кој забележа дури 22 одбрани и беше најзаслужен за убедливата победа.
Данска, пак, без поголеми проблеми ја совлада Швајцарија со 36-29 и обезбеди ново полуфинале, контролирајќи го натпреварот од самиот почеток.
Најголемото изненадување го приреди Словенија, која со убедливи 30-23 ја совлада актуелната европска шампионска селекција Шпанија. Блескаше голманот Матевж Млакар со 16 одбрани, додека Алјуш Анжиќ беше незапирлив во нападот со 10 погодоци, носејќи ја својата репрезентација до заслужено полуфинале.
Најдраматичниот четвртфинален натпревар го одиграа Германија и Унгарија. По голема борба, Унгарците славеа со 27-25, а победата ја заверија со погодок во последната секунда. Клучен момент беше одбраната на голманот Адам Балог, кој го запре германскиот напад на триесетина секунди до крајот, по што Мате Фазекаш погоди на спротивната страна за конечен триумф.
Полуфиналните натпревари се играат во петок, а победниците ќе се борат за европската титула во недела.

























