Шампионот Ѓорче Петров го склопува играчкиот ростер пред стартот на новата сезона во која влегува со големи амбиции и ќе настапува на четири фронта, а најновото засилување доаѓа од Романија.
Како што дознава 24Ракомет, ново име во редовите на шампионот треба да биде искусната романска интернационалка Сабрина Лазеа. Станува збор за ракометарка што има 29 години и долго време играше во една од најсилните женски лиги во Европа.
Таа потекнува од Фагараш, во младинските денови играше за Баја Маре, а потоа беше дел од Дева. Најмногу време се задржа во Залау и соработуваше со легендарниот Георге Тадичи.
Од 2022 година замина во Слатина, каде мина една сезона пред да се пресели во Тарги Жиу со кој играше во Лигата на Европа. Беше дел и од Магура Чиснадие, а последната сезона ја мина во италијанскиот Трапани, а настапите во Македонија ќе бидат второ интернационално искуство.
Лазеа настапува на сите бековски позиции, но нејзината специјалност е играта во одбрана, па тренерот Димитријески ќе добие одлично решение во дефанзива на централните позиции.
Претходно Ѓорче Петров ги договори Катарина Шубериќ, Ана Марија Коларовска, триото Црногорки – Аника Јовановиќ, Анѓела Губериниќ и Нина Вуксановиќ, а доаѓа и Кристина Наумовска од вториот тим. Соработките беа продолжение со Емилијана Ризоска, Ива Велкова, Анастасија Трпеска, Ана Вранчиќ, Армина Исиќ, Марија Јовановска, Милена Вујисиќ, сестрите Бојана и Борјана Коцеви, Мила Ѓорѓиевска, Дарија Наумоска…На клупата наместо Александар Царчев ќе биде Славиша Димитријески.
Од шампионот заминаа Стефанија Ѓорѓиевска, Марија Јанкуловска, Теодора Дукоска, Марија Гугуљанова и Катерина Дамјаноска…
Ѓорче Петров покрај во првенството и Купот на Македонија, ќе игра и во Регионалната лига, додека во Лигата на Европа ќе биде дел од второто квалификациско коло и ќе се соочи со чешкиот Бањик Мост.























