Заврши главната рунда на Европското првенство за младинци во Романија, по што се познати осумте репрезентации што ќе се борат за медали, но и обезбедија директен пласман на Светското првенство во 2027 година, кое ќе се одржи во Македонија.
Во четвртфиналето ќе играат Шведска, Шпанија, Германија, Швајцарија, Данска, Унгарија, Словенија и Франција. Освен овие осум селекции, уште седум европски репрезентации ќе обезбедат место на Мундијалот преку разигрувањето за пласман.
Во Групата 1, Германија остана максимална и со победи над Швајцарија (32:30) и Фарски Острови (34:30) го освои првото место. Швајцарците завршија втори, а Франција се пласираше во четвртфиналето како една од двете најдобри третопласирани селекции.
Во Групата 2 најголема драма имаше во дуелот меѓу Шпанија и Хрватска. Шпанците славеа со 29:26 и го заверија првото место, додека Данска остана втора по победата над Исланд (31:29). И покрај добриот настап, Хрватска остана без четвртфинале поради послаба гол-разлика од Франција и Словенија.
Во Групата 3, Шведска ја продолжи победничката серија со убедлив триумф над Унгарија (40:24) и минимална победа над Словенија (33:32), додека Унгарија со убедливи 41:28 против домаќинот Романија го освои второто место. Словенија, пак, благодарение на убедливата победа од 53:32 над Романија и подобрата гол-разлика, се најде меѓу осумте најдобри.
Четвртфиналните натпревари се играат на 16 јули, а победниците ќе останат во трката за европската титула.
Четвртфинални двојки:
Германија – Унгарија
Швајцарија – Шведска
Шпанија – Франција
Данска – Словенија
























