Во Битола доаѓа крилото Александар Стојков

Еурофарм Пелистер 2 продолжува со формирање на тимот за новата сезона, во која битолчани сакаат да направат млад, но респектабилен состав. По Кристијан Симоноски и Божидар Илиески, ново име што треба да пристигне под Пелистер е десното крило Александар Стојков, дознава 24Ракомет.

Тој треба да биде уште едно засилување во ростерот на Бранислав Ангеловски. Со неговото доаѓање, вториот тим на Еурофарм Пелистер добива играч со суперлигашко искуство и квалитет на позицијата десно крило.

Во кариерата Стојков им анастапувано за Голден Арт, Алкалоид, Струга и Куманово, а во дел од овие средини имаше значајна улога во нападот.

Најголемо европско искуство собра во Автокоманда каде беше дел од составот што настапуваше во ЕХФ Европската лига. Потоа настапуваше и за Струга, каде имаше забележителни партии во завршницата од сезоната. Последно беше дел од Куманово, каде се наметна како сигурен реализатор и пеналџија.

Битолчани во новата сезона ќе имаат нов тренерски концепт со Бранислав Ангеловски на клупата. Поранешниот македонски репрезентативец и екс тренер на првиот тим на Еурофарм Пелистер се враќа во Битола со задача да изгради тим што ќе има развојна функција, но и доволно квалитет за да биде конкурентен во домашното првенство.

Ангеловски веќе покажа дека знае да работи со млади состави. Со тимот од Автокоманда доминантно ја освои Првата лига и избори пласман во Супер лигата без пораз, а подоцна со Еурофарм Пелистер ја освои шампионската титула како тренер на првиот тим. Токму тоа искуство сега треба да биде искористено во вториот состав на битолчани.

____________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________