Кристијан Симоноски кариерата ќе ја продолжи во Битола. Иако пивотменот беше блиску до преселба во Прилеп, трансферот доби поинаков тек и тој потпиша за Еурофарм Пелистер 2, каде во новата сезона ќе биде дел од тимот што ќе го води Бранислав Ангеловски.
Симоноски доаѓа од Автокоманда, клубот каде играше на домашна и европска сцена. Станува збор за пивотмен со суперлигашко искуство, кој во изминатите сезони беше дел од тим што се бореше за трофеи, играше во ЕХФ Европската лига и Европскиот куп, а беше и во поширокиот круг на македонската репрезентација.
Пресудно за изборот да се пресели во Битола било тоа што Еурофарм Пелистер 2 ќе го води Бранислав Ангеловски, тренер кој сака да направи млад, но респектабилен тим. Вториот состав на битолчани треба да биде комбинација од талентирани ракометари, играчи со простор за развој, но и проверени имиња што веќе имаат искуство во Супер лигата. И кои ќе чукаат на вратата на тимот предводен од Лино Червар.
Еурофарм Пелистер 2 во новата сезона влегува со нова тренерска енергија. Ангеловски се враќа во Битола, каде претходно беше спортски директор и тренер на првиот тим на Еурофарм Пелистер. Со првиот тим ја освои шампионската титула во Македонија, а претходно имаше успешен период во тимот на „витамините“ од Автокоманда, со кој доминантно ја освои Првата лига и избори пласман во Супер лигата без пораз.
Симоноски летово се раздели со тимот од Автокоманда заедно со уште неколку ракометари, по завршувањето на еден важен циклус за клубот кој го забелеша најслабиот пласман во Супер лигата, заврши како четвртопласиран. Во тој период тој собра искуство од натпревари против најсилните македонски екипи, но и од европските настапи, што може да биде значајно за младиот состав на битолчани.
Првично се очекуваше пивотменот да заврши во Прилеп, каде требаше да биде решение на линијата од шест метри и потенцијална замена за Томислав Квастек. Но, Еурофарм Пелистер 2 реагираше, а можноста да работи со Ангеловски и да биде дел од новиот битолски проект била доволна причина Симоноски да ја избере Битола.
Еурофарм Пелистер 2 полека го обликува ростерот за новата сезона, а доаѓањето на Симоноски е уште еден сигнал дека во Битола не се прави тим само за иднината, туку и тим што уште веднаш треба да има карактер, борбеност и препознатлива структура.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























