Хари Павлов и наредната сезона ќе ги брани боите на Холабрун

Австрискиот прволигаш Холабрун ја продолжи соработката со македонскиот интернационалец Хари Павлов, кој потпиша нов договор со клубот.

Иако леворакиот бек во март заработи тешка повреда на предните вкрстени лигаменти и го очекува долга рехабилитација, раководството на Холабрун реши да ја продолжи довербата и да го задржи во своите редови.

„Хари е исклучително позитивна личност која со својата страст ги мотивира и соиграчите и навивачите. Во изминатите две години прерасна во еден од нашите најважни играчи во бековската линија. Иако првата сериозна повреда во кариерата го врати чекор назад, тој напорно работи на своето враќање и сигурни сме дека ќе се врати уште посилен“, изјави менаџерот на клубот, Герхард Гедингер.

Од Холабрун очекуваат Павлов повторно да биде подготвен за настапи во јануари 2027 година, доколку рехабилитацијата се одвива без компликации.

Продолжувањето на договорот е уште една потврда за довербата што Павлов ја стекна со своите настапи во изминатите две сезони во дресот на австрискиот клуб.

Во минатата сезона на клупата на Холабрун седеше Влатко Митков, а таму играа Филип Арсеновски, како и двајцата екс членови на Охрид, Рудолф Сафранко и Гал Цирар.