ИНТЕРВЈУ: ИХФ судија, планинар и маратонец – Даниело Божиновски за животот меѓу теренот и врвовите

Даниело Божиновски е име добро познато во ракометните кругови. Актуелен ИХФ судија, човек со искуство во македонскиот и меѓународниот ракомет, но и личност чија втора голема животна приказна е планината. Или можеби прва, како што самиот признава, бидејќи љубовта кон планинарењето кај него се родила уште пред спортот. Многумина го знаат како судија, заедно со партнерот Виктор Начевски, и особено што потекнува од „ракометно семејство“ во кое неговиот татко и чичко, постојано живееја за Пелистер и ракометот. Па немаше шанси Даниело да не биде заразен со спорт.

Но, покрај судиската професија, Божиновски е активен планинар и алпинист и претседател на планинарскиот клуб „Копанки“ од Битола. На само 33-годишна возраст, во јуни 2026 година, на изборното собрание на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија беше избран за нејзин претседател, со мандат од четири години — до 2030 година. Да се раководи национална федерација е огромна чест, но и ретка привилегија. Пред него стои макотрпна работа, каква што бара водењето на едно вакво тело.

Додека го подготвувавме интервјуто стигна уште една спортска потврда за Божиновски. Заедно со неговиот партнер, Виктор се номинирани од страна на ЕХФ да судат на сениорското женско ЕП во декември.

Овој пат нема да зборуваме само за ракометот и за судењето. За 24Ракомет, Божиновски зборува за Матерхорн, Мон Блан, Елбрус, Пелистер, маратоните, судењето, правото, трпението и за тоа како планината му помогнала да се изгради и како човек, и како судија. A планините се негова голема љубов, исто како и ракометот.

„Матерхорн е еден од оние врвови што и по изглед и по тежина оставаат силен впечаток. Некои планинари и алпинисти го вбројуваат меѓу 15-на најопасни врвови за искачување во светот. Тука не е само висината проблем, туку техничката тежина, изложеноста, временските услови и начинот на кој се пристапува кон врвот“, вели Божиновски.

Матерхорн долго време бил негова желба и предизвик. Тоа е врв со препознатлива форма, остра планинска пирамида, врв што изгледа како детска претстава за планина, но зад таа убавина се крие сериозна опасност.

„Тоа е врв што кога како деца цртаме планина, всушност цртаме нешто слично на Матерхорн – остар врв, шпиц, препознатлива форма. Но, тоа не е само убава планина. Тоа е многу сериозен и ризичен врв. На Матерхорн обично се оди со партнер или со водич, затоа што искачувањето бара искуство, концентрација и многу внимание. Тоа не е планина каде можеш да одиш неподготвен“, објаснува тој.

Божиновски зад себе има сериозни планинарски искуства. Го има искачено Мон Блан, а бил и на Елбрус, две планини кои често се дел од вечната европска дилема – кој врв се смета за највисок во Европа.

„Во Европа секогаш има една мала „трка“ околу тоа што се смета за највисок врв. Некои западноевропејци често не го сметаат Елбрус како класична европска планина, туку го гледаат како неактивен вулкан, па затоа Мон Блан го земаат како највисок врв во Европа. Јас сум бил и на Мон Блан и на Елбрус. Мон Блан го искачив во 2019 година, а неколку месеци претходно бев и на Елбрус, но за жал поради лоши временски услови морав да се симнам од 5.200 м.н.в.. Тоа се сериозни висини и сериозни искуства“, раскажува Божиновски.

Но, и покрај големите европски врвови, Пелистер за него има посебно место. Не води статистика колку пати го искачил, но вели дека тоа е планина што многу ја сака и што многу му дала.

„Пелистер е планина што многу ја сакам. Не водам статистика колку пати сум го искачил, некои луѓе водат такви бројки, јас не. Но, за мене Пелистер секогаш има посебно значење. Тоа е планина со која сум поминал многу време и која многу ми дала“.

Љубовта кон планинарењето кај него почнала многу рано. Неговиот дедо бил планинар и уште кога Даниело имал шест-седум години почнал да го носи со себе на планина. Пред да почне сериозно со било каков спорт, тој веќе бил навикнат на планината.

„Љубовта кон планинарењето кај мене е пред сите спортови. Мојот дедо беше планинар и уште од шест-седум години почна да ме носи со него на планина. Пред да почнам сериозно со било каков спорт, јас веќе планинарев. Така некако се роди таа љубов кон планината“.

Подоцна кратко тренирал кошарка, потоа преминал во ракомет, а кога заминал во Скопје на Правниот факултет, паралелно почнало и судењето. Со судење почнал многу млад – на 14 и пол, 15 години, и тоа трае до денес.  Планината, вели, многу му помогнала и како судија. Ракометните судии мора да бидат физички подготвени, а движењето на планина активира поинаков тип на сила, стабилност и издржливост.

„Планината помага многу. Прво, физички. Движењето на нерамен терен, нагоре и надолу, ги активира мускулите и лигаментите на поинаков начин. Телото станува пофлексибилно, постабилно, поспремно. Не случајно во многу спортови се практикува трчање или движење на нерамен терен, затоа што тоа помага и во превенција од повреди“.

Но, за Божиновски уште поважен е менталниот дел. Планината не дозволува брзање. На планина мора да се оди чекор по чекор. Токму таа лекција ја пренел и во животот, и во ракометното судење.

„Планината помага и психички. На планина основна работа е трпението. Не можеш да се качиш брзо, не можеш да прелеташ. Мораш да одиш чекор по чекор. Тоа многу ми помогнало и во животот. Во адоленсцентните денови имав периоди кога бев доста импулсивен, имав и приватни проблеми и не секогаш лесно ги контролирав работите. Планината ми даваше време да размислувам. Кога ќе се симнеш долу, некако си прочистен, како да си ги канализирал работите“.

Во одреден период планината му била и прибежиште, место каде можел да се смири, да размисли и да се врати „почист“ во секојдневието.

„Да, во еден период многу често го барав тоа прибежиште во планината. Таму имаш време за себе, време да размислиш, време да се смириш. Планината не ти дозволува да брзаш. Таа те учи на трпение, на самоконтрола и на почит кон природата“.

Како судија, Божиновски секогаш бил физички подготвен. Вели дека од моментот кога почнал да суди до денес, никогаш не паднал на физичко тестирање. Додека играл ракомет бил спремен, а подоцна кондицијата ја одржувал на свој начин.

Во моментов не само што планинари, туку и трча. Минатата година, во април, го истрча својот прв маратон во Виена со пристојно време (3:28 ч.) за некој што првпат излегува на таква патека. Во октомври истата година настапи и на својот втор маратон – во Љубљана. Денеска секое утро трча, бидејќи се подготвува за следен маратон.

„Имаме и тренинг-план што треба да го следиме како судии, но јас често работам по свој план. Не затоа што не го почитувам системот, туку затоа што сакам предизвик што малку повеќе ме поместува. Имам доволно километри во нозете и кондиционите тренери го знаат тоа. Оваа година поради обврските кои ги имам не сум во можност целосно да се посветам на припремите за маратон па затоа планирам еден маратон при крајот на оваа 2026 година, вели Божиновски.

Одењето на висина, според него, е одличен тренинг не само за телото, туку и за мозокот.

„Одењето на висина е одличен тренинг и за белите дробови, и за телото, и за мозокот. Кога си на висина, телото поинаку го користи кислородот. Затоа и во спортот постојат висински подготовки. Планината те гради на повеќе нивоа – физички, ментално и карактерно“.

Покрај спортот и планината, Божиновски е и магистер на правни науки. Тука признава дека има мала професионална горчина. Бил добар студент, имал можност да остане како демонстратор и асистент на Правниот факултет во Скопје, но животот го однел повеќе кон спортот и судењето.

„Искрено, има една мала горчина на професионален план, затоа што сум правник. Бев добар студент и во тоа време имав назнаки, па и понуди, да останам како демонстратор и како асистент на Правниот факултет во Скопје. Денес, од оваа временска дистанца, малку ми е криво што професионално во правото не се остварив повеќе“.

Во спортот, пак, работите се движеле доста динамично. Станал интернационален судија многу млад, еден од помладите во Европа, а во Македонија како најмлад. Но сега чувствува дека доаѓа период во кој повторно ќе се врати повеќе кон правото.

„ Во спортот, работите навистина одат добро. Станав интернационален судија многу млад, еден од помладите во Европа, а во Македонија најмлад. И на спортски план, навистина, работите се движеа одлично. Но, правото секогаш остана некаде тука. Сега чувствувам дека доаѓа период во кој повторно се враќам повеќе кон правото. Мислам дека созреав, и со годините и со ситуациите во животот. Оваа година најверојатно започнувам и со докторски студии. Веќе пишувам нешто и мислам дека во периодот што следи ќе се фокусирам и на спортот, но повеќе од порано и на правото.“

По Матерхорн, следниот голем спортски предизвик нема да биде врв, туку маратон.

„Имам амбиција, ако успеам добро да се подготвам, да фатам норма за некој од големите светски маратони. За такви трки нормите се многу сериозни, најчесто треба време под три часа, зависно од маратонот и категоријата“.

Големите маратони што ги споменува се Берлин, Лондон, Токио, Њујорк, Бостон, Чикаго. Секој има различни услови, но ако сакаш да влезеш преку норма, мора да имаш сериозно време.

Планинарските желби, пак, остануваат насочени кон Алпите. Хималаите засега не се во план, пред сè поради време, а и поради финансии.

„Има врвови што не се толку познати за пошироката јавност, но се многу сериозни и многу интересни за планинари и алпинисти. Такви се Вајсхорн, Дуфуршпиц и други алпски врвови. Хималаите засега не ми се во план, пред сè поради време, а реално и поради финансии. Денес е многу тешко да се најдат спонзори за планинарење и алпинизам“.

Македонското знаме речиси секогаш го носи со себе. Било со него на Мон Блан, Елбрус, на балканските врвови – Триглав, Олимп, Мусала, Вихрен и на други големи врвови. На Матерхорн, сепак, поради хаотичната ситуација со временската прогноза, го заборавил, но со него било знамето на „Копанки“ — клубот од Битола формиран во 2018 година од млади планинари, кој Божиновски го предводи и го опишува како мала, но активна група планинари и алпинисти што постојано се на планина.

И покрај сите обврски, Божиновски останува активен и во ракометот, не само како судија, туку и во судиските стручни структури, како претседател на Стручната комисија на ЗРСМ и Надзорниот одбор.

„Ангажмани има доволно, а време секогаш недостига. Но, кога човек сака нешто, секогаш наоѓа начин да биде присутен и да придонесе“.

За Даниело Божиновски, планината и ракометот не се две одвоени приказни. Напротив, тие се поврзани преку трпението, дисциплината, самоконтролата и постојаната потреба да се оди напред. Чекор по чекор – и на патеката кон врвот, и на теренот, и во животот.

Горан Антевски