Легендарниот Андреас Нилсон доби нова улога – ќе биде играч и спортски директор на клуб

Шведскиот клуб Онеред направи важен организациски потег пред новата сезона. Легендарниот пивотмен Андреас Нилсон веднаш ја презема функцијата спортски директор на машкиот тим, но во исто време ќе продолжи и како активен ракометар.

Со ова, Онеред добива човек кој ќе има двојна улога – ќе помага на теренот со своето огромно искуство, но и ќе биде дел од долгорочното градење на спортскиот проект во клубот. Нилсон останува еден од најискусните играчи во составот, а сега ќе биде вклучен и во креирањето на иднината на машката екипа.

Од клубот истакнуваат дека со Нилсон добиваат личност што комбинира огромно интернационално искуство и силна посветеност кон иднината на Онеред. Андреас Нилсон е едно од најпознатите шведски ракометни имиња во последните две децении. Во кариерата настапуваше за Трелеборг, Сковде, Хамбург и Веспрем, а најголемите успеси ги имаше на европската сцена.

Со Хамбург ја освои Лигата на шампионите, играше повеќе финалиња во елитното натпреварување, а со Веспрем освојуваше титули во Унгарија. Со репрезентацијата на Шведска има олимписко сребро, а за националниот тим одигра повеќе од 150 натпревари.

Нилсон со години важеше за еден од најценетите пивотмени во Европа, ракометар со силна физичка игра, искуство од најголемите натпревари и победнички менталитет. Токму тие квалитети сега Онеред сака да ги искористи не само на теренот, туку и во спортското раководење.

На функцијата спортски директор тој го наследува Кристофер Линд, кому клубот му се заблагодари за работата во изминатите три години.

____________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________