Едуардо Гурбиндо се врати во Шпанија!

Еден од најтрофејните шпански ракометари во последните две децении, Едуардо Гурбиндо е нов член на Анаитасуна. Искусниот десен бек потпиша двегодишен договор со клубот од Памплона, каде што ќе ја продолжи својата богата кариера по завршувањето на ангажманот во турски Бешикташ.

Гурбиндо, кој во ноември ќе наполни 39 години, се враќа во својот роден град со цел да му помогне на младиот тим на Анаитасуна во амбициите за враќање во елитната шпанска лига.

Кариерата на Гурбиндо е исполнета со настапи за некои од најголемите европски клубови. По почетоците во Портланд Сан Антонио, настапуваше за Торевиеха, Ваљадолид, Барселона, Нант, Вардар, Динамо Букурешт, Кил и Бешикташ.

Во својата богата кариера освои повеќе од 40 трофеи, меѓу кои титула во Лигата на шампионите, две титули на Супер Глоуб, златен медал со Шпанија на Европското првенство во 2018 година, како и бронзен медал на Олимписките игри во Токио.

Со овој трансфер Анаитасуна испраќа јасна порака дека сериозно ќе атакува на враќање во најсилниот ракометен ранг во Шпанија, а ангажманот на Гурбиндо претставува едно од најзвучните засилувања во клубот во последните години.