Словенечката ракометна федерација го продолжи договорот со двајцата селектори, Урош Зорман и Драган Аџиќ, кои и во следниот период ќе ги предводат машката и женската репрезентација. Двајцата потпишаа нова двегодишна соработка, која ќе трае до крајот на летото 2028 година, односно до завршувањето на олимпискиот циклус за Лос Анџелес.
Одлуката ја потврди претседателот на Ракометната федерација на Словенија, Бор Розман, на прес-конференцијата пред крајот на сезоната 2025/26. Розман, кој неодамна доби нов четиригодишен мандат на чело на федерацијата, порача дека целта е да се продолжи успешната приказна што двете селекции ја изградија со настапот на Олимписките игри во Париз.
Урош Зорман ја води машката репрезентација на Словенија од февруари 2022 година, а под негово водство тимот стигна и до Олимписките игри во Париз. Таму Словенија беше блиску до медал, но во мечот за третото место загуби од Шпанија, пораз кој очигледно останал како голем мотив за следниот олимписки циклус. Тој нагласи дека Словенија во изминатиот период минала низ подеми и падови, но дека токму тие процеси донеле поголема ширина во тимот.
„Работевме во таа насока, имавме подеми и падови, екипата се менуваше од првенство во првенство. Како што секогаш велиме, помалку е повеќе, а од тие минуси добивме ширина и поглед кон светла иднина. Целта на Олимписките игри е медал, но сите знаеме дека кругот на репрезентации што се борат за медал во машкиот ракомет е широк и многу работи треба да се поклопат. Првата цел е Светското првенство, каде ќе се обидеме да постигнеме што подобар резултат и уште таму да одиме по медал“, додаде Зорман.
Машката репрезентација на Словенија во ноември годинава и во мај следната година ќе ги игра квалификациите за Европското првенство 2028, каде ривали ќе и бидат Босна и Херцеговина, Израел и Чешка.
Во меѓувреме, во јануари 2027 година, Словенците ги очекува Светското првенство. Во групната фаза, која ќе ја играат во германскиот Кил, противници ќе им бидат Ангола, САД и Данска.
Драган Аџиќ останува на клупата на женската репрезентација на Словенија, со која работи од април 2021 година. Искусниот црногорски стручњак во изминатиот период направи силен печат во словенечкиот женски ракомет, а и покрај големите промени во составот, селекцијата остана конкурентна.
„Привилегија е сè уште да бидам тука. Да се помага во развојот на словенечкиот женски ракомет е чест и исклучителна одговорност. Горд сум на периодот што е зад нас од април 2021 година и сега со посебни емоции ја продолжувам соработката со одличните колеги во стручниот штаб, со одличните луѓе во федерацијата и, секако, со неверојатните девојки што го носат дресот на словенечката репрезентација“, изјави Аџиќ.
Тој потенцираше дека Словенија по Олимписките игри останала без осум важни ракометарки, но и покрај тоа успеала да го задржи духот и конкурентноста.
„Не знам дали и една Норвешка, како ракометна велесила, би била толку конкурентна ако остане без осум клучни ракометарки, како што е малата Словенија со големо срце и со одлични девојки кои имаат посебна енергија и кохезија“, порача 56-годишниот Црногорец.
Женската репрезентација на Словенија во декември ќе настапи на Европското првенство. Првиот дел од групната фаза ќе го игра во романска Орадеа, каде противници ќе и бидат Исланд, Унгарија и Црна Гора. Во март следната година Словенките ќе ги започнат и квалификациите за Светското првенство, кое ќе се игра кон крајот на 2027 година.























