По само два месеци како привремен тренер, легендата на полскиот ракомет Кшиштоф Лијевски доби целосна доверба од раководството на Келце и потпиша договор на две сезони со шампионот на Полска.
Иако во шпекулациите долго време се споменуваше името на Урош Зорман, тој е под договор со словенечкиот Слован Љубљана, па во следните две сезони некогашниот играч на Келце, нема да го води полскиот првак.
Лијевски официјално е именуван за прв тренер на Келце, откако во април го наследи Талант Душебаев, а веќе во мај го врати клубот на шампионскиот трон, победувајќи ја Висла Плоцк во финалната серија од плеј-офот.
„Добив можност да водам тим составен од светски ѕвезди и клуб за кој сонуваат многу тренери. Благодарен сум за довербата од управата и од сопственикот. Очекувањата се големи, но не се плашам од оваа одговорност и едвај чекам да почнам со работа“, изјави стратегот на Келце.
Лијевски е едно од најголемите имиња во историјата на полскиот ракомет. Со репрезентацијата на Полска освои сребро и две бронзи на Светските првенства, а настапуваше и на Олимписките игри во Пекинг и Рио де Жанеиро.
Клупската кариера ја градеше во Островија, Сласк Вроцлав, германските Хамбург и Рајн Некар Левен, пред во 2012 година да пристигне во Келце. Со клубот освои девет шампионски титули, осум Купови на Полска и беше дел од генерацијата која во 2016 година ја освои Лигата на шампионите.
Од 2021 година беше помошник тренер, а по заминувањето на Талант Душебаев ја доби шансата како прв тренер, шанса што сега ја претвори во двегодишен договор и нова ера на клупата на Келце.
























