Унгарски Ференцварош се соочува со сериозна неизвесност околу иднината на машкиот ракометен тим, откако во унгарските медиуми се појавија информации за можни финансиски кратења и драматично намалување на условите во клубот, иако од ФТЦ уверуваат дека приоритет останува настапот во елитната лига.
Порталот 24.hu наведува дека околу машкиот тим владее голема неизвесност и дека меѓу играчите се зборувало за сериозно кратење на примањата, па дури и за сценарио во кое клубот би можел да не продолжи во досегашниот формат.
Најчесто можните кратења во Унгарија сите ги поврзуваат со менувањето на централната власт и незнаењето дали новата власт ќе сека исто така да продолжи со финансирање на спортот. Најчесто на удар се спортските колективи кои имаат големи врски со власта.
Според истиот извор, на дел од ракометарите им била спомната и можност за намалување на месечни примања од 300.000 форинти (околу 850 евра), што само дополнително ја зголемило загриженоста околу иднината на екипата.
Сепак, од Ференцварош официјално не најавуваат повлекување од првенството. Во одговорот што клубот го доставил до 24.hu се вели дека ФТЦ и понатаму сака машкиот ракометен тим да се натпреварува во првата лига и дека клубот заедно со секцијата работи на создавање услови за тоа. Во истиот став се посочува и дека точната финансиска рамка во моментов е тешко да се затвори поради повеќе неизвесни фактори.
Дополнително, клубот порачува дека настапот во лигата е главен приоритет, а паралелно се разгледува и можноста тимот да игра во меѓународно натпреварување. Тоа покажува дека и покрај тешката ситуација, во Ференцварош не се откажуваат од амбицијата машкиот тим да остане дел од најсилната конкуренција.
Неколку дена подоцна стигна и уште поцврста порака од раководството на клубот. Извршниот потпретседател на ФТЦ, Золтан Њири, изјави дека сите секции на Ференцварош ќе стартуваат во првата лига, што беше сфатено како јасен одговор на шпекулациите дека дел од екипите би можеле да се повлечат или да бидат сериозно редуцирани.
























