По потписот со тренерот Горан Андоновски и левиот бек Тодор Узунчев, екипата на Младост Богданци заврши уште една голема работа пред стартот на новата сезона во Супер лигата.
Новиот член на елитата го задржа еден од најдобрите играчи минатата сезона – левиот бек Даниел Андоновски. Охриѓанецот стави потпис на договорот и одново ќе биде лидерот во тимот од Богданци, дознава 24Ракомет.
Младост Богданци имаше само еден пораз во регуларниот дел од Првата лига, ја заврши на второто место и мораше да игра бараж натпревар против Струга, кој го доби и се врати во елитната конкуренција.
Андоновски беше прв стрелец во Младост Богданци со 177 погодоци или вкупно четврти стрелец во лигата, со просек по осум голови по натпревар, и само шест постигнати од пенал.
Тој потекнува од Охрид, ја градеше кариерата низ повеќе македонски клубови како Вардар Јуниор, Прилеп и Тиквеш, а има и меѓународно искуство во италијанскиот шампионат во Трст, но и во српскиот тим Врање.























