ПСЖ и Омар во љубов до 2030 година!

Египетскиот репрезентативец Јахја Омар ја продолжи соработката со ПСЖ до летото 2030 година. Францускиот гигант денеска потврди дека десниот бек ставил потпис на нов долгорочен договор, со што ќе остане еден од носителите на проектот во Париз и во следните четири сезони.

Омар пристигна во Париз во јули 2024 година од унгарскиот гигант Веспрем, а за кратко време се наметна како еден од најважните играчи на францускиот шампион. Во својата кариера има освоено титули со Замалек и Веспрем, додека со репрезентацијата на Египет освои четири титули африкански шампион и трипати беше прогласен за МВП на Африканското првенство.

„Продолжувањето на договорот со ПСЖ е важен чекор во мојата кариера. Целосно сум посветен на проектот и на високите амбиции на клубот. Ова е доказ за довербата што ја изградивме заедно и дополнително ме мотивира да бидам дел од иднината на клубот“, изјави Омар по потпишувањето на новиот договор.

Претстојната сезона во ПСЖ ќе ја одработи Данецот Стефан Мадсен, а потоа во летото 2027 година доаѓа Роберто Гарсија Парондо.