Куќата на славните не е трка – туку почит што треба да трае

Пред речиси три седмици го направивме изборот на првата генерација членови на Куќата на славните на македонскиот ракомет. Како редакција сме многу горди што почнавме еден ваков проект и што беше одлично прифатен. И, кога се почнува нешто ново, секогаш има реакции. Некој ќе се израдува, некој ќе се пронајде во идејата, некој ќе праша зошто токму овие имиња, а не некои други. И тоа е сосема нормално.

Куќата на славните на македонскиот ракомет не беше замислена како еднократен избор, ниту како конечна листа на сите што заслужуваат почит. Напротив, ова е почеток на една традиција што треба да трае, и трае. Идејата е секоја година да се додаваат нови имиња, нови приказни, нови луѓе што оставиле белег во македонскиот ракомет. Зошто ако ракометот е „спорт број 1“ треба да го чуваме, негуваме и почитуваме. И него и тие што се дел од него.

Токму затоа, искрено ме изненади еден телефонски разговор што го имав минатата недела. Не затоа што некој имал забелешка. Забелешки секогаш ќе има и тие се добредојдени кога се добронамерни. Туку да праша зошто не е дел од првата генерација.

Тука мислам дека треба да се разјасни суштината.

Куќата на славните е идеја, позитивен бран кој треба да ја поведе македоската ракометна историја во ново поглавје. Избор со позитивна цел, но и идеја за традиција во која секој заслужен ќе го добие своето место меѓу вечните. Не е избор што треба да задоволи суети, ниту место што се добива затоа што некој смета дека мора да биде прв.

Ова е обид да се постави традиција. Да се зачува историја. Да се оддаде почит. Да се отвори простор во кој македонскиот ракомет ќе ги памети оние што го граделе, го воделе, го играле, го поддржувале и го носеле низ различни времиња.

Првата генерација е само првата страница.

Не последната.

И затоа воопшто не е најважно дали некој ќе биде дел од првата, втората или третата генерација. Особено кога станува збор за луѓе што навистина оставиле трага. Вистинскиот придонес не се мери со редниот број на признанието, туку со тоа што останало зад човекот.

А тоа е прашање што секој од нас треба чесно да си го постави.

Што останало?

Останале ли резултати? Бројки, рекорди, радост, спомени? Останале ли генерации? Останал ли клуб што продолжил да живее? Останал ли систем? Останале ли луѓе што денес кажуваат дека некој им помогнал, им отворил врата, им дал шанса? Останала ли љубов кон ракометот и по функцијата, по мандатот, по спонзорот, по моментот кога светлата веќе не биле вперени кон нас?

Затоа што во ракометот не се важни само годините поминати покрај теренот. Важно е што тие години оставиле зад себе.

Има луѓе што биле на терен и оставиле белег со голови, одбрани, трофеи и репрезентативни настапи. Има тренери што создавале генерации. Има спортски работници што вложувале, помагале, организирале, носеле одлуки и оставиле клубови, идеи и системи што продолжиле да постојат и по нив. Има некои што егзистирале пред 20, 30 па и 40 години. Некои кои младите не ги знаат.

Да, сигурно има уште многу имиња што заслужуваат да влезат од самиот поечеток. Некои можеби заслужиле и сега да бидат дел од првата генерација. Некои ќе бидат дел од следните. Некои приказни допрва треба да се истражат, да се потврдат и да се запишат. И тоа е добро. Тоа значи дека македонскиот ракомет има историја и има луѓе за кои вреди да се зборува.

Но ако се гледаме само низ прашањето зошто не јас, тогаш ја промашуваме целата суштина.

Суштината е дека конечно почнавме.

Почнавме да им оддаваме почит на луѓето што го граделе ракометот. Почнавме да ги враќаме и да го забележуваме приказните што не смееме да ги заборавиме. Почнавме да создаваме традиција што треба да остане и по нас.

Ниту првата генерација е конечна, ниту следната ќе биде помалку важна. Ако дозволиме влезот во куќата на славните да се мери само по првата генерација сме ја промашиле целта, влезот меѓу вечните е чест и привилегија, а не трка. Затоа тука нема победници, само легенди кои оставиле!

Во спортот сите сакаат да бидат први. Тоа е природно. Но во историјата не е секогаш најважно кој бил прв повикан. Важно е кој навистина оставил дело што заслужува да биде запишано.

Куќата на славните не е награда за суета. Не е компензација за функција. Не е благодарница за одреден период. Таа треба да биде трајно признание за придонес што го надминал моментот.

Затоа оваа традиција ќе продолжи, без разлика дали некому му се допаднал првиот избор или не. Ќе продолжи затоа што македонскиот ракомет има кому да му се заблагодари. Ќе продолжи затоа што почитта не треба да биде еднократна, туку постојана.

Првата страница е напишана.

Следуваат нови.

А секој што навистина оставил белег во македонскиот ракомет, порано или подоцна, ќе го добие своето заслужено место.

Горан Антевски