Танески поднесе оставка, машката младинска репрезентација доби нов селектор!

Младиот стратег Игор Илиевски е нов селектор на машката младинска репрезентација на Македонија, објави Ракометната федерација.

Илиевски кој имаше одлични резултати со кадетскиот тим на Пролет и ја освои оваа сезона титулата, добива шанса да ја води Македонија на младинското ЕП во Романија.

„Ракометната федерација на Македонија ја известува јавноста дека, по поднесената оставка од селекторската функција на машката младинска репрезентација (М20) од страна на г-дин Наум Танески, за нов селектор на националниот тим е назначен г-дин Игор Илиевски. Г-дин Илиевски ќе ја предводи машката младинска репрезентација на Македонија на претстојното Европско првенство за играчи до 20 години, кое ќе се одржи во Романија. Ракометната федерација на Македонија му се заблагодарува на г-дин Наум Танески за неговиот ангажман и придонес во работата со младинската репрезентација, а на г-дин Илиевски му посакува успешна работа и многу успех на претстојното Европско првенство“, изјави Илиевски.

Македонија ќе ги започне подготовките за ЕП за десетина дена, а континенталниот собир се игра во Клуж Напока и Турда. Нашите момци се во група со Данска, Норвешка и Хрватска.

Во март за време на ЕХФ неделата, Танески во стручниот штаб ги немаше Јане Цветковски и Миле Бочкаровски, кои не се појавија на собирот, додека во мај за ЕХФ неделата негов асистент беше токму Илиевски.