Во Богданци ќе се слави до зори: Младост ќе игра во Супер лигата!

Тимот на Младост Богданци е последниот член на Супер машката лига за наредната сезона, откако во бараж мечот ја совлада Струга со 25-22. Победникот беше решен во последните петнаесетина минути кога Младост предводен од голманот Илиќ, кој запиша дури 18 интервенции, успеа да ја направи клучната серија и до крајот не дозволи камбек на Струга.

По 6-6 на стартот, екипата на Горан Андоновски успеа прва да стигне до висока залиха од четири гола, 10-6, по неколку успешни интервенции на голманското засилување за Младост, Живојин Илиќ.

Стружани се вратија во игра со два брзи гола преку Мечкароски од пенал и Мајдуб за 10-8, а потоа ги искористија двете исклучувања на голманот Илиќ и на Николиќ, па ја стопија негативата на минус еден, 11-10.

На стартот на вториот дел Струга веднаш израмни на 11-11 и оттогаш тргна играта гол за гол што беше најава за големи возбудувања. Беше 15-15, но Струга остана без Ферукоски кој се повреди и Младост отиде на плус два.

Имаше напад за три гола позитива, но погрешија богданчани, па Костоски казни од контранапад. Потоа одбрани и Тутенкоски, но неговите соиграчи не го искористија нападот и Младост пак имаше два гола предност, 18-16.

Стружани паднаа во ритамот, Младост Богданци знаеше како да ги казни сите грешки, потоа црвен картон поради три икслучувања доби Симоноски, па ротацијата на Струга уште повеќе се намали и на десетина минути до крајот беше 22-16.

Потоа богданчани знаеја како да ја одржат предноста и рутински одработија до крајот за камбек во елитната конкуренција по три сезони. Струга проба со пресинг во финишот, успеа да намали дел од негативата, но немаше време за нешто повеќе.

Најдобри стрелци во победничката екипа беа Андоновски со шест гола, како и Диас и Димитров со по пет погодоци, додека голманот Илиќ имаше 18 одбрани. Кај Струга, Тутенкоски одбрани 11 удари, а предводници во нападот беа Костов и Мечкароски со по пет гола.

Сега листата на учесници во Супер машката лига за наредната сезона е комплетирана – Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид, Бутел Скопје, Прилеп, Пролет, Куманово, Младост Богданци, Тиквеш, Еурофарм Пелистер 2 и двата тима од Автокоманда.