Мицевска се враќа на терените – потпиша за шампионот на Србија!

Македонската репрезентативна голманка Јована Мицевска ќе ја продолжи кариерата во редовите на Црвена Звезда, пренесуваат „Моцарт Спорт“.

Актуелниот шампион на Србија веќе започна со формирање на тимот за следната сезона, а една од првите засилувања е токму 24-годишната Македонка. Белградскиот клуб има високи амбиции – одбрана на титулата во домашното првенство и пласман во групната фаза на Лигата на Европа.

За Мицевска ова ќе значи враќање на ракометните терени по една сезона пауза. Македонската голманка оваа пролет стана мајка, а сега е подготвена за ново поглавје во кариерата и нов предизвик во дресот на српскиот великан.

Скопјанката во досегашната кариера настапуваше за Вардар, Ница и Слатина, каде што го имаше својот последен интернационален ангажман.

Мицевска е добро познато име и во националниот тим. Таа е стандарден член на македонската репрезентација и настапи на ЕП 2022 и ЕП 2024.