Бранителот на трофејот во Купот на Македонија, екипата на Вардар, се пласираше во финалето, откако славеше без особени проблеми, и тоа убедливо против „сино-белиот“ тим од Автокоманда со 33-28.
Противник на Вардар во големото финале в недела од 20:00 часот ќе биде екипата на Охрид, која го совлада Еурофарм Пелистер со 26-19. Вардар доминираше во најголем дел од мечот, голманите од Автокоманда немаа своја вечер, а тоа во комбинација со Валах и Гогов, кој влезе во финишот, беше повеќе од доволно за убедлив триумф.
Чупиќ имаше луксуз во последните петнаесетина минути да ја измеша поставата на теренот, им даде шанса на Анастасовски, Марчињак, Танкоски, Гогов, Стојановски…но и тие одлично парираа на ривалите.

„Сино-белите“ од Автокоманда отворија со водство од 4-1 на стартот, но „црвено-црните“ полека влегуваа во ритам, иако по само шест минути игра останаа без првата опција на десен бек, Урош Митровиќ, кој доби црвен картон по еден остар старт над Урош Борзаш.
Валах фати две топки на голот на Вардар, во нападот Малус и Тузолана погодија по двапати во серија и вардарци направија пресврт за предност, 6-5. Одбраната на тимот од Автокоманда немаше многу решенија за разиграните Малус и Горига, па Вардар некако без многу напор отиде на плус четири, 13-9.

Тогаш Лазаров мораше да бара тајм-аут, па „сино-белите“ преку Николов ја преполовија негатива, 14-12. Кизиќ го замени Галевски на голот на тимот од Автокоманда и одбрани два шута, па неговите соиграчи успеаја да намалат и на минус еден.
Вардар остана и без Милан Лазаревски, кој доби црвен картон по стартот над Филип Николов, а судиите Металари и Николовски прегледуваа снимка, па го испратија на трибините кружниот напаѓач. Но и покрај тоа, Вардар успеа до паузата да ја одржи предноста од два гола.

На стартот на вториот дел уште една одлична серија на „црвено-црните“ за плус шест, 23-17, а маките во нападот за момците на Лазаров продолжија и едвај постигнаа два гола за десетина минути. Кога ќе дојдеа до позиција за гол, тука беше Валах и Вардар отиде на високи плус десет, 29-19.
До крајот веќе немаше дилеми околу победникот и вардарци одиграа само рутински, а сочуваа и дел од силите за финалето против Охрид. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Малус со девет, како и крилата Тузолана и Воркапиќ со шест, односно пет погодоци. Голманите Валах и Гогов комбинираа 15 одбрани. Во „сино-белиот“ тим се истакна Дамјан Мите со шест гола.























