Фис ја одбра Барселона

Еден од најголемите таленти во европскиот ракомет, Маркос Фис, се најде на радарот на бројни европски гиганти, но веќе решил каде ќе ја гради својата кариера.

Според шпанскиот „Мундо Депортиво“, 18-годишниот десен бек на Гранољерс и на шпанската репрезентација добил понуди од дури десет европски клубови, но решил да потпише за Барса.

Меѓу најзаинтересираните за потписот на младиот ракометар беа и европските великани Келце, Веспрем, ПСЖ и Спортинг Лисабон.

Фис, кој во медиумите веќе го нарекуваат „ракометниот Ламин Јамал“, има договор со Гранољерс до 2027 година. Според информациите што ги пренесуваат шпанските медиуми, младиот бек засега има намера да го испочитува договорот до крајот, па потоа ќе се пресели во „Блауграна“.

Младиот десен бек веќе дебитираше за Шпанија на големо натпреварување и Рибера го подготвува како наследник на Алекс Душебаев на десната бековска позиција.