Екипата на Охрид продолжува јасно да ја гради својата амбициозна приказна, а во тој контекст сè поизвесен е и трансферот на средниот бек Мартин Карапалевски, кој на лето го завршува престојот во шпанскиот Ваљадолид.
Како што дознава 24Ракомет, некогашниот среден бек на Вардар е пред преселба во градот покрај езерото, чекор кој може да биде добивка за двете страни, а со овој потег Охрид покажува дека верува и во македонските ракометари.
Претходно беа потврдени трансферите на десниот бек Доминик Мате и на голманот Дино Славиќ, а најавено е доаѓање и на средниот бек од српскиот првак Партизан на лето.
Карапалевски се наоѓа на поширокиот список на македонската репрезентација, а последен пат селекторот Кирил Лазаров го повика за баражот за СП 2025 и играше против Фарски Острови.
Охрид има јасна визија и сериозни амбиции, а резултатите од есенскиот дел се силен аргумент за тоа. Во „Билјанини Извори“ паднаа и два големи фаворити, „зелените“ – Еурофарм Пелистер и „сините“ од Автокоманда, што е јасен сигнал дека охриѓани се подготвени за „чекор плус“. Со вакви резултати и со веројатниот пласман во ЕХФ Европскиот Куп во ТОП 4, Охрид отворено најавува дека во блиска иднина сака да се вклучи и во трката за трофеи. Охриѓани првпат презимија во Европа, со реални шанси да дотуркаат и подалеку во овој Куп.
Дополнителна сила на проектот е и интернационалниот состав, во кој странските ракометари носат искуство и квалитет, а домашните играчи добиваат простор за раст и докажување. Доколку трансферот се реализира, тоа ќе биде уште една потврда дека Охрид не гради само тим за една сезона, туку проект што постепено сака да се позиционира меѓу најсилните во македонскиот ракомет.
Останува да се види кога клубот ќе го потврди трансферот, и под кои услови Карапалевски се сели покрај Охридско Езеро. Тој собираше искуство низ настапите во Асобал лигата, во дресот на Ваљадолид, каде што пролетва игра во одлична форма.


























