Спортскиот директор на Фленсбург, Љубомир Врањеш, се огласи по повод актуелниот конфликт со Симон Питлик и можноста за негово заминување.
Тој вели дека двете страни ја гледаат ситуацијата од свој аспект и имаат свои верзии за случувањата.
„Секако дека ќе разговараме со него оваа недела. Прашањето е на маса, но ќе го решиме внатре во клубот. Ситуацијата е многу субјективна, тој ја гледа од своја перспектива, ние од наша“, изјави Врањеш.
Тој не ја исклучи можноста за предвремен раскин на договорот.
„Секако, договорот може да биде раскинат, како што беше случајот со трансферот на Марко Гргиќ од Ајзенах. Тогаш најдовме решение прифатливо за сите страни“, вели Врањеш.
Во однос на шпекулациите за отштета од 1.500.000 евра, Врањеш беше дециден.
„Тие суми се силно преувеличени. Тоа се гласини… не знам кој ги пласира. Не сакам повеќе да ги коментирам, едноставно не се точни“, заврши Врањеш.
Питлик ќе се пресели во Фуксе Берлин во летото 2027 година, кога има откупна клаузула, иако има активен договор до 2030 година, а шампионот се труди да го донесе уште ова лето, откако стана јасно дека ќе си оди Ласе Андерсон.
Питлик за конфликтот со Фленсбург: Довербата е нарушена, се случија многу нешта!


























