Сергеј Самсоненко не е веќе претседател на Ростов Дон

Некогашниот сопственик на Вардар, Сергеј Самсоненко, по скоро две сезони ја напушта претседателската функција во женскиот клуб Ростов Дон.

Како што објави трофејниот руски клуб, ерата на Самсоненко беше исполнета со многу значајни моменти.

„Ова беше важен период, исполнет со многу значајни моменти – заедно постигнувавме високи резултати, ја делевме горчината на поразите и радоста на победите, создавајќи незаборавни мигови во историјата на клубот. Од срце му благодариме на Сергеј Самсоненко за неговиот непроценлив придонес во развојот на Ростов, за мудрата поддршка и искрената верба во тимот. Посебна благодарност и за сите хумани и општествено значајни иницијативи кои се реализираа благодарение на неговото лично ангажирање. Искрено го цениме тоа што и денес тој продолжува да го поддржува тимот“, напишаа од Ростов Дон.

Самсоненко пред да се врати во тактовината, беше во Македонија и од 2012 до 2019 беше сопственик на Вардар и ЖРК Вардар, а вложуваше и во фудбалскиот клуб.

Во ерата на рускиот бизнисмен, машкиот клуб два пати стана шампион на Европа, освои шест титули во македонското првенство и пет трофеи во Купот, додека женскиот клуб освои четири титули во лигата, три трофеи во Купот, пет пати играше на Ф4 во Лигата на шампионите, а два пати освои сребро.

Во Ростов Дон во моментов тренер и Ирина Дибирова, а во стручниот штаб работеше Даниел Јурашиќ, кој долго време беше дел од Вардар и се грижеше за физичката подготвеност на ракометарите.