Фијаското комплетирано – селекторот не ги знае правилата, јавноста бесна!

Ракометна Романија е во вистински шок по елиминацијата од Турција, а тамошните медиуми и јавноста бараат оставки од врвот на ракометната структура – селектор, претседател на федерацијата…

Најголем дел од критиките се насочени кон селекторот Георге Буричеа, кој се соочува со сериозен притисок поради начинот на кој го водеше тимот. Јавноста и ракометните легенди го обвинуваат за лош избор на играчи, панични одлуки и слаба реакција во клучните моменти. Сепак, најконтроверзниот момент дојде во самиот финиш на натпреварот.

При резултат 31-36 и нешто помалку од 40 секунди до крајот, Романија имаше напад. Според пишувањата на „ГСП“, Буричеа побарал тајм-аут и им соопштил на играчите дека со тој резултат обезбедуваат пласман во следната рунда. Дури им наложил да не брзаат и да го потрошат времето, односно да одат до пасивен напад.

Причината за ваквата одлука е шокантна, селекторот Буричеа очигледно сметал дека се уште важи правилото за повеќе постигнати голови во гости. Романија првиот натпревар во Турција го доби со 37-32, но според новите правила, кои се во сила веќе две години, при вкупен резултат 68-68 ќе следуваа пенали.

Но, до тоа воопшто не дојде. Илие погреши, Романија ја загуби топката, а Турција со брз контранапад постигна гол за 37-31 и обезбеди пласман во третиот бараж за СП, каде ќе се соочи со Норвешка.

Овој неверојатен пропуст дополнително го засили незадоволството во романската јавност, која сега бара одговорност за една од најголемите тактички грешки во поновата ракометна историја.