Голем проект во Партизан: Раул Гонзалез ќе гради тим за Европа!

Српскиот шампион Партизан официјално потврди дека шпанскиот стратег Раул Гонзалез ќе биде нов тренер на „црно-белите“ во наредните две сезони.

Како што соопшти белградскиот клуб, актуелниот селектор на машката ракометна репрезентација на Србија потпишал договор со Партизан кој ќе трае до 2028 година.

Гонзалез во своето прво обраќање истакна дека Партизан е големо име во регионот и дека со нетрпение го очекува новото поглавје во својата тренерска кариера.

„Белград е голем и многу убав град, со интернационален дух. Начинот на живот е многу сличен на шпанскиот, па се чувствувам речиси како дома. За нас Шпанците ваквото искуство е многу интересно“, изјави Гонзалез.

Поранешниот тренер на Вардар и ПСЖ објасни дека идејата и проектот на клубот биле клучни за да ја прифати понудата од белградскиот тим.

„Раководството на клубот ми ја претстави својата визија и тоа навистина ме привлече. Можноста паралелно да бидам и со репрезентацијата ми овозможува подобро да ги запознаам играчите, лигата и клубовите. Партизан е симбол на Белград и за навивачите претставува многу повеќе од обичен клуб“, додаде шпанскиот стратег.

Во клубот имаат јасна цел, дополнителен развој на тимот и создавање состав кој ќе биде конкурентен и на европската сцена.

„Тимот има добра база и квалитетни играчи, но секогаш има простор за напредок. Некои играчи ќе останат, некои ќе заминат, тоа е нормално во секој клуб. Нашата цел е полека да ја подобруваме екипата и да изградиме силен тим“, порача Гонзалез.

Тој ќе го наследи Ѓорѓе Чирковиќ на клупата на Партизан, кој со белградскиот клуб освои неколку домашни трофеи во изминатиот период.

Во актуелната сезона Партизан веќе го освои Супер Купот на Србија и Сесрпскиот куп, а клубот има шанса до крајот на сезоната да стигне и до преостанатите домашни трофеи.