Српскиот интернационалец Илија Абутовиќ би можел да си замине од македонскиот шампион Еурофарм Пелистер на лето.
Тој има понуда од српскиот шампион Партизан, на чија клупа од лето ќе седне некогашниот стратег на Вардар и екс македонски селектор Раул Гонзалез.
Според информациите на 24Ракомет, замислата на шпанскиот стратег е да го има Абутовиќ во двојна улога – и на теренот, но и на клупата како дел од стручниот штаб.
Првиот контакт меѓу двете страни е веќе направен, а дали ќе дојде до реализација на соработката останува да видиме откако ќе бидат договорени сите детали.
Абутовиќ работеше со Раул во времето во Вардар, а по заминувањето од Скопје играше за Рајн Некар Левен и францускиот Лимож. Оваа сезона му е втора во тимот на Еурофарм Пелистер, а договорот со битолчани е до лето.
Во младинската академија на Партизан работи екс голманот на Вардар, Страхиња Милиќ, а доколку дојде и Абутовиќ ќе се обедини триото што освои титула во Келн во 2017 година.


























