Македонскиот првак Еурофарм Пелистер ремизира со данскиот ГОГ Гудме во натпреварот од 12 коло во Лигата на шампионите, 28-28 и остана со теоретски шанси за прогрес во осминафиналето.
Сега Еурофарм Пелистер има пет бода, на седмото место, ГОГ има девет, па македонскиот претставник ќе се „трка“ со ПСЖ, кој има осум и мора да загуби дома од Сегед, потоа и во Битола, па се да се решава во последното коло.
Битолчани лошо го отворија натпреварот со негатива од 4-1, а да не беше Митревски на голот водството на домашните можеше да биде повисоко. На спротивната страна Салах исто така бранеше одлично, па пелистерци тешко погодуваа. Предноста отиде и на плус четири 9-5, па Алушовски мораше да бара тајм-аут.
Во продолжение македонскиот тим имаше шанса да намали на минус два, но Салах одново одбрани и повторно беше минус четири, 12-8 на три минути до паузата. Домаќините казнија уште една грешка на Еурофарм Пелистер, беше и плус пет за ГОГ Гудме, но Кузмановски и одличниот Видомски се погрижија да остане пристојната негативата, 13-10. Сепак ГОГ Гудме успеа да искористи прилика во последната секунда и на пауза се замина со 15-11 за домашните.
За разликата од првиот дел, во второто полувреме битолчани полесно постигнуваа погодоци, но одбраната немаше решение за Митун, кој погодуваше во серија. Митревски продолжи со одличната партија, а Пешевски погоди за минус два, 23-21, кога остануваа уште петнаесетина минути за игра.
Беше и 24-23 кога домашните погрешија и македонскот тим доби прилика за реми која не беше искористена. Митун не беше прецизен по тајм-аутот на домашниот стратег и казни Манасков со цепелин по асистенцијата на Кузмановски за реми, 24-24, кога остануваа уште осум минути.
Комплетен пресврт се случи кога Хекбарт погоди за 25-24, а пелистерци добија прилика за плус два. Не беше искористена и казната стигна преку Лике, а потоа одново македонскиот тим првак не искористи напад.
Лике повторно беше човек на одлука и погоди за 26-25, беше и 27-26 за ГОГ кога Алушовски го побара последниот тајм-аут на две минути до крајот. Граховац искористи еден отпадок за да погоди во мрежата на Јоханесен, но Хрватот доби црвен картон.
Потоа имаше уште по еден погодок на двете страни за 28-28, а на шест секунди до крај домашните тргнаа во последен напад. Судиите Коњичанин гледаа ВАР снимка, но досудија само девет метри за домашните, и ударот заврши во блокот.
Никола Митревски имаше 13 одбрани, а Андржеј Видомски даде 7 гола, а по 6 постигнаа Граховац и Кузмановски. Кај ГОГ, 7 гола даде Оли Митун.
Следниот натпревар пелистерци го играат на домашен терен против ПСЖ на 4 март.

























