Денеска во Виена од 11:30 часот ќе се одржи ждрепката за квалификациските турнири во младинската Лига на шампионите кај момците и кај дамите.
Македонски претставник вторпат по ред ќе биде Еурофарм Пелистер, кој минатата сезона во првиот обид стигна до настап на завршниот турнир во Келн.
Пелистерци оваа сезона ќе бидат дел од квалификацискиот турнир во хрватскиот град Пореч на 30 и 31 март, а можни ривали има три.
Хрватскиот Загреб, данскиот Алборг или германскиот Фуксе Берлин ќе биде полуфинален ривал на Еурофарм Пелистер на 30 март, а победниците од двете средби ќе играат за билет за Келн.
Покрај во Пореч, другите три квалификациски турнири ќе се играат во Букурешт, Сегед и Веспрем.
























