Мега-трансфер: Алекс Душебаев потпиша за Гумерзбах

Гумерзбах објави вистинска трансфер-бомба, шпанскиот репрезентативец и еден од најдобрите десни бекови во светскиот ракомет, Алекс Душебаев, од летото ќе го засили германскиот клуб. Тој потпиша договор до 2029 година и од сезоната 2026/27 ќе го носи дресот на Гумерзбах.

Извршниот директор на клубот, Кристоф Шиндлер, истакнал дека доведувањето на Душебаев е огромен чекор напред и јасен сигнал за амбициите на Гумерзбах во наредните години. Алекс, како капитен на Кјелце и на шпанската репрезентација, носи не само врвен квалитет, туку и големо лидерство и искуство, од кое треба да профитира целата, особено младата екипа на бундеслигашот.

По девет години во полскиот гигант Кјелце, каде што освои голем број трофеи и играше во Лигата на шампионите, Гумерзбах ќе биде новата ракометна адреса на Душебаев. Тој изразил чест и гордост што доаѓа во клуб со богата историја и што ќе биде дел од амбициозен проект во, како што вели, најсилната лига на светот.

Алекс е најстариот син на легендарниот Талант Душебаев, двократен светски ракометар број еден, кој во Кјелце му беше и тренер. Во истиот клуб игра и неговиот помлад брат Даниел. Со Вардар во 2017 година ја освои Лигата на шампионите, а со шпанската репрезентација има две европски титули и повеќе медали од големи натпреварувања, што го вбројува во апсолутната светска елита на десни бекови.

Тренерот на Гумерсбах, Гудјон Валур Сигурдсон, го опишал овој потег како „огромно засилување“ за клубот и за лигата, убеден дека Душебаев ќе донесе уште повеќе квалитет, брзина и креативност во играта, како и дополнителна привлечност за навивачите и спонзорите.