Веспрем му посака добредојде на „детето“ што учеше ракомет во Македонија!

Унгарскиот гигант Веспрем  го ангажираше Стефан Додиќ од Војводина. 22-годишниот ракометар што ракометна Европа го запозна низ настапите за Металург, Охрид и Вардар, потпиша договор до 30 јуни 2027 година, со опција за продолжување на соработката.

Новиот организатор на играта веќе ги помина задолжителните лекарски прегледи, а би можел да дебитира уште на 5 февруари, на првенствениот натпревар против Будакалаш.

Додиќ важи за еден од најголемите таленти на својата генерација, а во 2022 година беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на Европското младинско првенство. Во досегашната кариера покрај за трите македонски клубови, играше и за Загреб и Целје.

„Како и секој ракометар, и јас сонував да играм за клуб од калибарот на Веспрем. Овој клуб е еден од најдобрите клубови во Европа и ова е идеална можност, во врвна екипа и со одлични соиграчи, да го покажам мојот квалитет. Кога ме повика Чави Пасквал, немав дилема. Оваа сезона целта е титулата во првенството и Купот, а потоа и круна на сезоната со настап на Ф4“, изјави Додиќ по потпишувањето на договорот.