Играше за Македонија и Србија, сега е главен кандидат за клупата на Војводина

Искусниот српски тренер Владан Матиќ и официјално е претставен како директор на Академијата на ПИК Сегед, клуб кој редовно настапува во Лигата на шампионите.

Со тоа, Матиќ ја затвора својата епизода во Војводина, иако имаше договор со новосадскиот клуб до јуни 2027 година.

Според пишувањата на „Моцарт Спорт“, прв кандидат за наследник на Владан Матиќ е некогашниот македонски и српски репрезентативец, легенда на Вардар, Немања Прибак.

Прибак ја заврши кариерата во Војводина, сега му е асистент на Раул Гонзалез на клупата на репрезентацијата и не би имало проблеми да го преземе кормилото на тимот од Нови Сад.

Војводина се соочува со кадровски проблеми. Да Силва веќе премина во Вардар, истото ќе го направи Воркапиќ на лето, а Додиќ исто така многу веројатно нема да остане во Нови Сад.

Пред да замине во ПИК Сегед, Матиќ има уште да одработи оваа сезона, бидејќи Војводина е прва на табелата, со ист број бодови како Партизан и два повеќе од Динамо Панчево.