Женската пионерска репрезентација на Македонија ќе биде дел од Медитеранското првенство за ракометарки родени 2010 и помали што ќе се игра во Косово.
Во Приштина ќе играат 12 селекции, што ќе бидат поделени во две групи, а меѓу нив ќе биде и Македонија.
Избраничките на Славиша Димитријески ќе бидат дел од групата Б заедно со Хрватска, Словачка, Грција, Италија и Словенија.
Во групата А ќе играат домаќинот Косово, Турција, Романија, Бугарија, Црна Гора и Шпанија.
Натпреварите на ова првенство се играат по специфичен систем – три третини по 15 минути. Во секој период, репрезентацијата што постигне повеќе голови добива еден поен, а доколку е нерешено двете добиваат по 0,5 поени. Победникот на крајот на мечот добива два бода.
Медитеранското првенство ќе стартува на 9 февруари, а ќе заврши на 14 февруари. Сите натпревари ќе се играат во „Палатата на младоста и спортот“ во Приштина.
























