Mеѓу Божиќ и Нова година – зошто Германците не се откажуваат од празнични натпревари?

Во двете најсилни машки ракометни лиги во Германија ќе се игра и во периодот меѓу Божиќ и Нова година, а во исто време ќе продолжи и сезоната во најдобрата женска лига, која беше во пауза поради Светското првенство.

Извршниот директор на Бундес лигата, Франк Боман, потврди дека ова ќе биде последен пат, барем засега, натпреварите да се играат меѓу празниците. Планот е од следната сезона повторно да се воведе пауза пред Божиќ, како што беше случај во 2023 година, кога во јануари 2024 Германија беше домаќин на Европското првенство.

Дополнителна причина за ваквите размислувања е и фактот што Светското првенство 2027 ќе се игра во Германија, што ќе бара поинаков календар и подобра заштита на играчите.

Иако ракометарите сакаат одмор за време на празниците, Боман нагласува дека натпреварите околу 23 декември, како и оние меѓу Божиќ и Нова година, имаат огромно финансиско значење за клубовите.

„Луѓето се на одмор, салите се полни, а речиси сите натпревари се распродадени. Тоа носи значајни приходи и е од голема важност за клубовите кои ги плаќаат играчите“, истакна Боман.

Токму поради тоа, во моментов не постои целосна поддршка меѓу клубовите за целосно укинување на празничните натпревари, иако ќе има исклучоци – како што е планирано за следната сезона.