Скопје е валкано, насекаде има ѓубре – „рибарот од Автокоманда“ со искрена исповед за културнирот шок!

Исланѓанецот Улфар Пал Монси Тордaрсон, ракометар кој настапува на позицијата лево крило, во тимот од Автокоманда за исландските медиуми отворено зборуваше за првичниот впечаток од животот во Скопје и призна дека преселбата за него била вистински културен шок.

„Рибарот“ Монси ја опиша секојдневната реалност со која се соочил веднаш по доаѓањето, истакнувајќи ја нечистотијата како нешто што најмногу му пречело.

„Искрено, беше малку културен шок. Најмногу ми требаше време да се навикнам на сето ѓубре тука. Градот е прилично валкан и отпад има насекаде – нешто на што воопшто не си навикнат ако доаѓаш од Исланд. Сепак, многу лесно се навикнуваш, и кога ќе научиш да го игнорираш тоа, сè станува прилично удобно. Живеам на добро место, во убава населба, и можам да се движам пеш. Исто така, животот тука е многу евтин, што е огромна предност“, изјави Монси за исландскиот весник „МБЛ“.

Тој потенцира дека разликите меѓу Исланд и Македонија се почувствувале веднаш, но дека процесот на адаптација не траел долго. Со текот на времето, како што вели, научил да ги „филтрира“ работите што му пречат и да се фокусира на позитивните страни – удобното секојдневие, добрата локација за живеење и значително пониските трошоци.

Искрената изјава на исландскиот ракометар отвори тема што ретко ја допираат странските спортисти кога зборуваат за нова средина – дека прилагодувањето не е само на терен, туку и надвор од него. За Монси, Скопје можеби почнало како културен шок, но со време станало град во кој, како што сам вели, може да се живее „прилично удобно“.

Во Скопје игра во тим кој е во самиот врв, но ќе му биде тешко да го повтори ланскиот успех кога стигна до пехарот во Купот на ЕХФ, бидејќи годинава доби шанса да игра во Лига Европа, но беше елиминиран уште во квалификациите.

На домашен терен досега „сините“ имаат два кикса, загубија по бод од Охрид и од Еурофарм Пелистер, а имаат и порази на гостувањата во Охрид и кај Вардар. Но, се уште се игра регуларниот дел од сезоната, а потоа продолжува плеј-офот.